Нема евиденција на одземените пари, скапоцености, накит од извршени кривични дела, а кои влегуваат во сефот на Основниот суд Гостивар. Не се знае ни што и колку од вредни предмети влегува во судот, ни што и колку се носи во Агенцијата за конфискуван имот.
Претседателот на Основниот суд Гостивар Елјеса Алији не воспоставил евиденција за одземените парични средства, скапоцености и други предмети од кривични дела, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР). Ни попис не се врши за тие скапоцени и вредни предмети, пари и друго, утврдиле ревизорите.
Какви вредни предмети влегувале во Судот, колкави суми пари, каде завршиле, дали некој си земал од нив, не се знае.
„Го прочитавме ревизорскиот извештај за нашиот суд и се срамевме кај работиме“, беше кусиот коментар од судиите од Гостиварскиот основен суд со кои разговаравме на телефон.
Судскиот совет веднаш го зел овој извештај полн и со други сериозни забелешки.
„Извештајот за Основен суд Гостивар го ставивме веднаш на разгледување и јавноста ќе биде запознаена за чекорите односно за одлуките на Судскиот совет во врска со забелешките на државните ревизори“, ни изјави претседателот на Советот Александар Камбовски.
За претседателот Алији имаше постапка за разрешување, но Судскиот совет лани во јули ја запре. Тој имаше потешка дисциплинска повреда, бидејќи одлучил т. е. потпишал повторување на судење на фалсификатор на пари кој бил осуден во отсуство, но застапуван од адвокатско друштво во кое работел синот на Алији.
Алији требало да се изземе од постапката и случајот да се додели на друг судија, бидејќи најстрого е забрането судии да постапуваат во ист предмет со членови на исто семејство, особено од прво колено. Поради ваков случај, пред две години одеднаш беа разрешени тројца апелациони судии од Штип.
Но претседателот Алији кому 4-годишниот мандат му истекува летово, уште попознат е по тоа што самиот се пријави дека чувал судски предмети во шкаф 6 години. Чудно е што тој за вакво нешто не само што не беше разрешен, не само што помина само со казна 15 отсто од платата, туку беше избран за претседател на ОС Гостивар.
Како судија за извршување на санкциите во периодот од јануари 2013 до 2019 (пред за првпат да стане претседател на судот), постапувајќи по предметите кои биле распоредени за извршување: конфискација на имот и имотна корист, трошоци за судења, парични казни-глоби, како и за одземање на имот, издал налози за присилни наплати и извршни пресуди до УЈП Скопје, но по доставување на ваквите извршувања до Одделот за извршни и прекршочни санкции, едноставно не го следел извршувањето. Предметите не ги доставувал до УЈП и до извршители, па дошло до застареност и неможност за нивна наплата.
Потоа, Судскиот совет го избира Алији за в. д. претседател, но починува службеникот во чиј плакар биле таложени овие неизвршени предмети, па морало да се изврши контрола што има од предмети кај него. Така се открило што правел Елјеса Алији цели 6 години, додека бил судија.
Алији потоа ги известил Судскиот совет и Министерството за правда за проблемот што го создал тој како судија, а што го открил откако станал претседател на судот.
Ревизорите утврдиле сериозни забелешки за состојбите во Основниот суд Гостивар: отсуство на документација со која ќе се потврди правото на сопственост или користење на недвижниот имот – објектот во кој е сместен судот, пописот не e спроведен согласно законската регулатива, не се користи системот за електронската евиденција на работно време и на прекувремената работа.
Натаму, активности за вршење на попис на судските депозити не се преземени, не е утврден статусот на предметите по судските депозити завршени/незавршени, со цел преземање на понатамошни мерки за нивистите, не е извршен надзор над севкупното материјално и финансиско работење на судот со средствата за депозитите.
„Депозит за гориво за службено возило е предвиден во ценовник на судот, но без наведен законскиот основ за него и додатно, не е доставен акт за трошоците при увиди на лице место“, предупредува ДЗР.
Во судот во Гостивар нема отсуството на одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи, во модулот за пресметка на плата на судската полиција зголемувањето на платата не е вклучено во основната компонента врз основа на која се врши пресметка на минат труд, а надоместоците за прекувремена и ноќна работа иако не треба, влегуваат во основицата за пресметка на додатокот за работно искуство.
„Различните услови за пополнување на едно работно место во прописите по кои работат судовите, предизвикува дилеми и неможност за постапување. Не е пропишана формата и содржината на обрасците за водење на судски депозити. Постои неусогласеност во законската и подзаконската регулатива во дефинирањето на сопственоста на застарените депонирани предмети по истекот на десет години од нивното предавање“, се само дел од забелешките на ДЗР за Гостиварскиот основен суд за кој подолго време се зборува дека е еден од најкорумпираните судови во државата.
С. К. ДЕЛЕВСКА