Поранешниот директор на Федералното биро за истраги (ФБИ), Џејмс Коми, доброволно дал исказ пред американската Тајна служба, откако на социјалните мрежи сподели, а потоа избриша објава што републиканците ја оценија како поттикнување насилство против американскиот претседател Доналд Трамп.
Сослушувањето траело околу еден час во седиштето на агенцијата во Вашингтон, при што Коми не бил приведен.
Причина за сослушувањето е фотографија од школки што ги испишувале броевите „8647“, која Коми ја објавил на Инстаграм. Бројот 86 во американскиот сленг може да значи „отфрли“ или „ослободи се од“, но во поново време се користи и со значење „убиј“. Доналд Трамп е 47. претседател на САД.
Претходно, во интервју за „Фокс Њуз“, Трамп изјави дека Коми, кого тој го отпушти од функцијата директор на ФБИ во 2017 година, повикувал на негово убиство.
„Тој точно знаеше што значи тоа. И дете знае што значи тоа. Ако сте директор на ФБИ и не знаете што значи тоа, тоа значеше атентат. И тоа го кажува јасно и гласно“, рече Трамп, кој минатата година преживеа два обиди за атентат.
Трамп додаде дека одлуката за евентуално поднесување обвинение против Коми зависи од јавната обвинителка Пем Бонди.
Коми ја објавил фотографијата со школките во четвртокот, а потоа ја избришал по бурните реакции од конзервативните кругови. Во следната порака на Инстаграм, тој напиша дека ги видел школките за време на прошетка на плажа и „претпоставил дека се политичка порака“.
„Не сфатив дека некои луѓе ги поврзуваат тие бројки со насилство. Никогаш не ми падна на памет, но јас се противам на насилство од каков било вид, па ја избришав објавата“, напиша Коми.
Секретарката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, во петокот вечерта на мрежата Икс објави дека Тајната служба го „сослушала посрамотениот поранешен директор на ФБИ, Коми, во врска со објава на социјалните мрежи која повикува на атентат врз претседателот Трамп“.
„Ќе продолжам да ги преземам сите неопходни мерки за да ја осигурам заштитата на претседателот Трамп“, додаде таа, наведувајќи дека истрагата е во тек.
Директорката на Националното разузнавање, Тулси Габард, претходно повика Коми да биде затворен поради „издавање потерница“ по Трамп додека тој патувал на Блискиот Исток.