ЗА ЕДНА ГОДИНА ЗАЛОВЕНИ 204 КУЧИЊА СКИТНИЦИ ВО ТЕТОВО, УТВРДЕНО Е ДЕКА СЕ НОСАТ И ОД ДРУГИ ГРАДОВИ И СЕ ПУШТААТ НА УЛИЦА

    ЗА ЕДНА ГОДИНА ЗАЛОВЕНИ 204 КУЧИЊА СКИТНИЦИ ВО ТЕТОВО, УТВРДЕНО Е ДЕКА СЕ НОСАТ И ОД ДРУГИ ГРАДОВИ И СЕ ПУШТААТ НА УЛИЦАОд заловените кучиња 164 се вратени на улица, а 40 се вдомени. (Фото: СДК.МК)

    За една година откако почна со работа стационарот за кучиња скитници за Општина Тетово заловени се 204 кучиња. Од стационарот „Ана Агро“, кој се наоѓа во село Ратае, велат дека се свесни оти ова е само мал дел од кучињата кои скитаат по тетовските улици, но поради ограничениот капацитет на стационарот и лимитираните средства кои ги добиваат од Општина Тетово, не можат да третираат поголем број кучиња.

    „За периодот од една година, колку што работи стационарот, заловени и третирани се 204 кучиња скитници. Сите тие имаат добиено хуман третман, испитани се лабораториски од заразни болести во овластена лабораторија, прочистени се од внатрешни и надворешни паразити, стерилизирани, чипирани, а исто така успешно го поминале тестот за социјализација по што се вратени од локацијата каде се заловени. Вратени се 164 кучиња, а 40 се вдомени“, вели Горан Тошевски, сопственик на стационарот.

    Гласините дека кучиња скитници се носат од еден во друг град, ги потврдуваат од тетовскиот стационар.

    „Бројот на кучиња ситници е голем. На тоа влијае неодговорното однесување на сопственици кои ќе земат куче па откако ќе им помине меракот за миленичето го пуштаат на улица, а се носат и од други градови. Во досегашната работа имаме заловено неколку кучиња на кои кога го проверивме чипот видовме дека се од друг град. Имаше такви кучиња од Струга, Велес и други градови. Исто така треба да се знае дека сите кучиња кои се во стационарот пред да бидат вратени на улица откако ќе го добијат потребниот третман, мора да поминат и тест за социјализација. Тој тест го спроведува лиценциран доктор за социјализација. Докторот поминува покрај кучето со велосипед и ја оценува агресивноста. Доколку кучето не е агресивно тогаш се враќа на местото од каде е заловено, Но, ако утврди дека е кучето е агресивно тогаш се применува друг третман или тоа дополнително се социјализира, а ако и тоа не успее, тогаш се еутанизира бидејќи како такво претставува опасност да се врати на улица. За среќа, до сега сме немале еутанизирано куче“, појаснува ветеринарот Ане Апостоловски.

    Капацитетот на овој стационар е дваесет кучиња што ни од далеку не е доволно за се спречи сѐ поголемото присуство на кучињата скитници по тетовските улици. Потпишан е анекс на договорот на стационарот „Ана Агро“ со Општина Тетово за да продолжи со работата за наредните 12 месеци.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира