Францускиот јазик ќе се изучува како изборен предмет во петто одделение во училиштата каде има интерес, кажа денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според меморандумот за соработка помеѓу Министерството за образование и наука (МОН) и Француската амбасада, што денеска го потпишаа министерката и амбасадорот Кристоф Ле Риголер, основни училишта од следната учебна година ќе имаат можност да го воведат францускиот јазик како изборен предмет во петто одделение, ако кај учениците постои интерес за негово изучување.
„Го поддржуваме изучувањето на францускиот јазик, имајќи предвид дека тој е меѓу најкористените јазици во глобалниот свет, како и тоа дека сме Влада која поттикнува јазична различност. Придобивките од познавање на јазици различни од мајчиниот, се повеќекратни. Тоа овозможува да се градат мостови помеѓу народи и култури, а јазичните вештини во денешно време се и суштински фактор за успешен настап на пазарот на трудот, како што се и дигиталните вештини“, рече Јаневска.
Таа додаде дека Бирото за развој на образованието (БРО) подготвува наставна програма за овој изборен предмет.