Повеќемина биле скептици кога Лидија Јолеска-Буреска почнувала да работи во Термоелектраната „Осломеј“ како инженерка за одржување парни котли. Ѝ велеле, „Не мора да доаѓаш на терен, да се качуваш на местото, не е чисто, жешко е, што дека ќе видиш, женско не може да ја заврши работата“. Но, таа со упорноста и посветеноста ги срушила стереотипите дека нејзиното работно место е предодредено за мажи.
Јолеска-Буреска, машинска инженерка, веќе 31 година работи во Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), од кои 20 години во РЕК „Битола“. Денес е главна инженерка во Службата за машинско одржување во ТЕ „Битола“. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а докторатот ѝ бил на тема „Оптимирање на процесот на согорување јагленов прав во енергетските котли“. Била доцентка и вонредна професорка по предмети од техничките науки.
„Кога се запишував на факултет, имаше и такви мислења дека е машка професија, ‘што ќе работиш’ и слично, но мене тоа уште повеќе ме инспирираше да успеам во изборот“, вели таа.
Во првите две години од студирањето на Машинскиот факултет, момчињата биле далеку побројни, но понатаму почнале да се ретчат, а девојките да се поприсустни.
„Упорноста во текот на студирањето беше поголема кај девојчињата, на нашиот факултет требаше многу труд и време да му се посвети на студирањето. Во трета година на мојата насока Термотехника и термоенергетика бевме пола машки, пола женски, 8 со 7. Од девојките повеќето завршивме со висок просек над 8, магистриравме и докториравме“, додава Јолеска-Буреска.
Голема улога имал и нејзиниот ментор проф. Илија Петровски, кој секогаш ѝ велел дека само упорноста и одлучноста се семоќни. Веќе 30 години се занимава со котлите на термоелектраните кои ѝ биле предизвик уште од првиот ден кога се вработила, и видела дека тоа квадратче во шемите е толку голема и сложена постројка со комплексни процеси.
„Да се работи на одржување котел бара техничко знаење и познавање на котелот, истражување, анализа и редовни контроли, но и физичка подготвеност. Се работи на скеле, висина, високи температури, пепел. Мојата работа бара присутност на објектот, на местото на дефект, а дефектите не може да се предвидат дали ќе се појават ноќе или дење, во зима на -25 С или во лето. Многу често за точно утврдување на природата, местоположбата и причината на дефектите се изложуваме на ризици “, вели инженерката.
Понекогаш работи и во смени и подолго од работното време, кога е дома добива повици за интервенции, независно кој ден и кој дел од денот е.
„Има различни случки, од мрзнење при работа на екстремно ниски, до испаѓање на стаклата од очилата поради високи температури. Сите тие случувања ја прават работата динамична, несекојдневна. И покрај пепелта, жешко, ладно, бучава, некогаш е и тензично зашто дефектот мора брзо да се поправи, јас си ја сакам работата , вели Јолеска-Буреска.
Во таа динамика, нема време за поделба на мажи и жени, па таа често знае да се пошегува со колегите дека се унисекс.
„Во секторот на одржување претежно се мажи, но имаме и колешки што навистина се носат со работните обврски ‘машки’ и јас се гордеам со нив. Нивното ангажирање само го потврдува фактот дека не треба да има машка и женска работа“, додава таа.
Според Државниот завод за статистика во 2024, од 7.563 лица вработени во секторот енергетика, 1.853 се жени или 24 проценти. Јолеска-Буреска смета дека охрабрувањето на младите девојки да изберат технички професии бара свесна и постојана поддршка од општеството, училиштата, семејствата и медиумите. Може да се постигне уште од основното образование преку вклучување во работилници и натпревари по технологија. Организирање интерактивни и интересни активности – роботика, 3Д печатење за да се разбуди љубопитноста. Понатаму, потребно е да се организираат средби со успешни жени од полето на техниката кои ќе им бидат пример и менторки.
„Треба и активно да се зборува против идејата дека техничките науки се ‘машки’. Девојките треба да изберат професија што ќе ги инспирира. Не треба да се ограничуваат на стереотипи, туѓи очекувања и ставови. Општеството често има свои ставови за тоа што ѝ личи на некоја девојка, но животот е нивна одлука“, вели Јолеска-Буреска.
Разговорот „Жените во енергетиката: од визија до акција“ беше направен во рамки на проектот на Преда Плус Фондација „Преглед од засегнатите страни за родовата еднаквост за АКТ инвестицискиот план“ (Stakeholder Review on Gender for the ACT Investment Plan), дел од програмата ВОЛКОТ (WOLCOT), реализиран со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Фондот за климатски инвестиции (CIF).
Ж. ЗДРАВКОВСКА