Со авиокомпанијата „Аџет“ од први јуни до крајот на септември од Меѓународниот аеродром Скопје ќе се лета до турските градови Анкара, Чукурова и Дијарбакир. Сезонските летови од Скопје до Анкара и до Дијарбакир ќе се одвиваат еднаш неделно, додека летови до Чукурова ќе има два пати во неделата.
„Директното поврзување на Меѓународниот аеродром Скопје со трите нови дестинации во Турција е од голема важност од повеќе аспекти, затоа што секоја област носи свои бенефити. Спојот на двата главни града, Скопје и Анкара, ќе придонесе за зголемена трговска размена, брза бизнис логистика меѓу Македонија и Турција, лесен пристап до турскиот пазар, туристичка и културна размена, образовна и академска соработка, поврзување на заедниците, а ќе придонесе и за дополнително унапредување на политичките и дипломатските односи”, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Воспоставувањето на авиолиниите од Скопје до Чукурова и Дијарбакир, како што велат од ТАВ, ќе донесе значајна стратешка, економска, туристичка и културна корист за земјава.
Со новите три дестинации, нискобуџетната авиокомпанија „АЏет“ од Меѓународниот аеродром Скопје ќе има вкупно 4 дестинации, вклучувајќи ја и веќе постоечката линија до Истанбул, до аеродромот „Сабиха Гокчен“.
Во тековната летната сезона 2025, вкупно четири авиокомпании летаат меѓу Турција и Македонија, до вкупно 6 града и 7 аеродроми во Турција. Од Меѓународниот аеродром Скопје и од Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид „Туркиш ерлајнс“ лета до главниот аеродром во Истанбул, „Пегасус“ и АЏет летаат од скопскиот аеродром до истанбулскиот аеродром на азискиот дел Сабиха Гокчен, до Измир и до Анталија, а „Сан експрес“ исто така лета до Анталија и Измир.