Над 1.000 маски од земјава и странство со преку 1.500 учесници денеска продефилираа во центарот на Прилеп на манифестацијата „Прочка – Меѓународен карневал“ којашто по 16. се одржува во градот.
Освен домаќините, познатата маска „Мечкари“, на фестивалот имаше бројни други поединечни и групни маски, кои во духот на шегата, смеата и доброто расположение го означија денот кога се бркаат лошите духови, ден пред почетокот на големите велигденски пости.
„Традицијата ни е да ги прогониме сите лоши сили и да има напредок во идинина. Во Прилеп сме по втор пат. Многу е убава атмосферата во градот, на карневалот воопшто. Се дружиме, се запознаваме, градот е убав“, ни изјавија младите учесници од Бугарија и Србија во момент на подготовка за настан во натпреварувачкиот официјален дел од карневалот, на којшто гостуваа маски и од Италија и Албанија.
„Овој карневал беше со преку 1.500 луѓе кои продефилираа во официјалниот дел. Целиот викенд, Прилеп живее со овој карневал, имаше различни маски, кои го отсликуваат поднебјето од кадешто доаѓаат. Карневалот расте секоја година и е голем туристички бренд не само за Прилеп, туку и за цела Македонија“, изјави градоначалникот Марјан Ристески.
Општина Прилеп и здружението „Прилепски мечкари“ се организатори на оваа традиционална манифестација. Она што е карактеристично е што годинава, во однос на карневалите од минатите години, отсуствуваа маски со политички пораки.
По официјалниот дел на карневалот, откако оценувачката комисија ќе им ги предаде признанија на најдобрите маски, забавата продолжува во кафулињата во градот.
Со цел да се збогати културната понуда, а особено откако Прилеп ја доби титулата карневалски град и стана член на Европската федерација на карневалски градови, локалната самоуправа планира во градот да се отвори музеј „Прочка“ во којшто би биле изложени дел од најатрактивните маски, учесници на карневалот изминативе 16 години.