ДРЖАВАТА НЕМА СИСТЕМ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО СТРАНСКО МЕШАЊЕ И МАНИПУЛАЦИЈА СО ИНФОРМАЦИИ, ПОКАЖАА СТУДИИТЕ НА ИКС

    ДРЖАВАТА НЕМА СИСТЕМ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО СТРАНСКО МЕШАЊЕ И МАНИПУЛАЦИЈА СО ИНФОРМАЦИИ, ПОКАЖАА СТУДИИТЕ НА ИКСНа годишно ниво во земјава има од еден до пет хибридни напади.(Фото: СДК.МК)

    Во Македонија не постои систем за справување со странско мешање и манипулирање на информации (СММИ), ниту пак државата има механизам за брза и координирана реакција, рекоа на денешната дискусија на собраниската Комисија за одбрана и безбедност организирана заедно со Институтот за комуникациски студии.

    Студиите направени од ИКС покажуваат сериозни институционални и законски слабости во справувањето со координирани дезинформациски кампањи поттикнати од странски државни и недржавни актери. Недостатокот на стратешка координација, нефункционални правни механизми, ранлив медиумски простор и ниското ниво на медиумска писменост ја прават земјата подложна на хибридни закани и манипулативни наративи.

    „Македонските институции се на почетно ниво за ефикасно справување – наративно постои свест, но реално многу малку се прави. Единствениот документ е Стратегијата за справување со хибридни закани во која има многу цитати, текстот е академски, но со малку оперативни активности. Пример за ова е нападот на Фондот за здравство кога беа одземени голем број лични податоци на граѓаните”, кажа универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев, кој е еден од авторите на студиите.

    Конрад Блејер-Симон од Европскиот универзитетски институт во Фиренца, Италија, автор на една од студиите рече дека на годишно ниво во земјава има од еден до пет сајбер напади.

    ,,Под странско мешање и манипулација со информации се подразбира и хибридна војна и затоа е потребна соработка на институции од различни полиња, од одбранбен, безбедносен и медиумски аспект“, кажа Блејер-Симон.

    Александра Теменугова од ИКС вели дека за препознавањето и справувањето со странското мешање и манипулирање со информации потребна е институционална зрелост и општествена отпорност.

    „Нашиот фокус е да ја кренеме темата за малициозното и наменско манипулирање со информации кое доаѓа од надворешни актери – државни или недржавни повисоко во јавниот дискурс. Целта ни е заеднички да укажеме на штетните последици од ваквите софистицирани тактики и техники кои тешко се препознаваат, иако многу вешто го запоседнуваат јавниот простор, влегуваат преку културата, религијата, бизнисот, етничките односи… Но, сето ова не можеме да го направиме сами. Ако ги следиме релативно успешните модели за справување со СММИ во повеќе ЕУ земји, рецептот за успех неизоставно лежи во сеопфатен пристап, односно со координиран пристап од сите чинители: носители на одлуки, граѓански организации, медиуми и секако, самите граѓани“, рече Теменугова.

    Оваа празнина во политиките ги загрозува националната безбедност, јавната доверба во институциите и демократската стабилност.

    „Нaшата земја не е имуна на овие предизвици. Како геостратешка важна држава, членка на НАТО и кандидат за членка во ЕУ, Македонија е изложена на овие закани кои бараат да делуваме интегрирано, оштествено и медиумски. Како Комисија за одбрана имаме обврска да ги следиме и да дебатираме за безбедноста и тоа не само за традиционалните закани“, рече претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, генерал д-р Павле Арсовски.

    На настанот, кој собра пратеници, експерти, претставници од институции, медиуми и граѓанскиот сектор, беа презентирани двете аналитички студии на ИКС – „Странско мешање и манипулирање со информации во Република Северна Македонија“ и „Справување со странско манипулирање со информации во контекст на европските регулативи“.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира