Стручните лица на Националниот конзерваторски центар (НКЦ), пребаруваат по старите црковни ѕидови во внатрешноста на црквата „Свети Димитрија“ крај Велес, дали има остатоци од оригиналниот, автентичен живопис.

Конзерваторите велат дека има повеќе причини да истражуваат и да го отстранат живописот од 19. век во потрага по автеничен од 13. век. (Фото: СДК.МК)
Стручњаците сметаат дека таа е насликана и во внатрешноста, како и на влезот, при крај на 13. век, кога била и изградена.
„Внатрешноста на црквата е целосно пресликана во 19. век. Нашите напори се да го откриеме живописот од крајот на 13. век. Имаме индиции дека има нешто. Прашање е дали можеме со овие сонди да откриеме дел од живописот. Имаме повеќе причини да истражуваме и го отстраниме живопис од 19. век во потрага по автеничен од 13. век“ , кажа Дарко Николовски, историчар на уметност.
Дилемата е дали со мануелните сонди може нешто да се открие како ран ракопис од времето кога црквата е живописана. Тоа е потребно за да се отстранат фреските од 19. век и да се дојде до оригиналните од крајот на 13. век. Во апсидата на црквата се пронајдени делови од оригиналниот живопис.
„Тоа што долги години беше тајна, мистерија, откривме мал дел во апсидата дека станува збор за исто така стар живопис. Најдовме и дел од декорација. Тоа говори дека и овој дел од црквата бил живописан во 13. век. Преостанува да видиме колку во останатите делови на црквата е сочуван овој новооткриен, и на кои позиции“ , рече конзерваторот Владо Мукоски.
Конзервацијата е долг процес, треба да се работи внимателно да не се наруши естиката на живописот од 19. век и да се открие живописот од 13. век. Ова е комплициран и сериозен зафат на стручните лица од Националниот конзерваторски центар на Македонија.
Ним ќе им треба долго време, но и средства за да ги откријат во целост тајните на манастирот „Свети Димитрија“.
Пред десетина години во нартексот, припрата на црквата „Свети Димитрија“ беа најдени делови од живопис. По долги години работа е откриен ктиторот на црквата, одметнатиот византиски феудалец Лав Котаница, а на сводот има повеќе фрески.
Меѓу нив се циклус посветен на Свети Димитриј, ретки сцени кога тој го убива воинот или Авгар, или кога Господ го праќа трговецот да донесе жито и го спаси Солун од опсадата. Има и сцени од Страшниот суд, постар пример на овој редок циклус.
П. ПЕЧКОВ