ИЗВРШИТЕЛИ ВЛЕГОА ВО КУМАНОВСКА „ЧИСТОТА“ ПОРАДИ ДОЛГ ОД 200.000 ЕВРА КОН ВРАБОТЕНИТЕ, ПОПИШАНО И БИРОТО НА ДИРЕКТОРОТ

    ИЗВРШИТЕЛИ ВЛЕГОА ВО КУМАНОВСКА „ЧИСТОТА“ ПОРАДИ ДОЛГ ОД 200.000 ЕВРА КОН ВРАБОТЕНИТЕ, ПОПИШАНО И БИРОТО НА ДИРЕКТОРОТДиректорот Ненад Стојановски, вели дека во овој момент немаат пари за исплата затоа што работат со блокирана сметка и времена рамка со ограничени можности за плаќања. (Фото: СДК.МК)

    Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ од Куманово треба да исплати околу 12 милиони денари (200.000 евра) на 90 вработени, по правосилна пресуда и извршно решение од Основен суд Куманово, поради долг за регрес за годишен одмор и новогодишен додаток за период од три години. Секој вработен во просек побарувал по околу 101.000 денари, но со камата и трошоците на судот, адвокати и извршители, долгот се зголемил на 220.000 денари по човек. Во ЈП „Чистота и зеленило“ има 330 вработени, од кои 50 се администрација.

    Од минатата недела во претпријатието е започната постапка за присилна наплата и направен е попис на поголем дел од канцеларискиот инвентар, компјутери, печатари, бироа, плакари и уметнички слики, кои ќе бидат одземени ако не се подмири долгот. Изземени од извршувањето се само основните средства за работа како што се камиони, автомобили, механизација и алати, кои се неопходни за вршење на основната дејност на јавното претпријатие.

    Почната е постапка за присилна наплата и направен е попис на поголем дел од канцеларискиот инвентар, компјутери, печатари, бироа, плакари и уметнички слики, кои ќе бидат одземени ако не се подмири долгот. (Фото: СДК.МК)

    Директорот Ненад Стојановски, вели дека тие не бегаат од обврската да ги исплатат заостанатите надоместоци на вработените, но во овој момент немаат пари затоа што работат со блокирана сметка и времена рамка со ограничени можности за плаќање, а извршната постапка дополнително ја искомплицирала работата и им создала нови проблеми, кои можат да се одразат на квалитетот на изнесувањето на сметот, одржувањето на јавните зелени површини и погребалните услуги во градот.

    „Ние и сега сме блокирани, бидејќи и компјутерите иа ИТ опремата се основни средства за нашата работа, а не само возилата. Ние имаме забрана да ги користиме овие средства. Без компјутери блокирана ни е работата на наплатниот центар и не можеме да вршиме наплата од граѓаните, не можеме да спроведуваме јавни набавки и да набавуваме резервни делови за камионите. Затоа оваа работа мора што побрзо да се заврши, да се вклучат сите надлежни институции за да продолжиме нормално да функционираме“, изјави Стојановски.

    Вработените го тужеле претпријатието во 2021 за неисплатен К-15, новогодишен додаток, а има и неколку побарувања за јубилејни награди, сите за 2018, 2019 и 2020, а по сите пресуди и жалби судскиот процес целосно завршил на крајот на 2024. Адвокатот Стефан Стојмановски, кој застапува 40 вработени вели дека се обидел со раководството да најде решение за побарувањата на неговите клиенти, но откако не се договориле одлучиле да започнат со присилно извршување.

    „Се закануваше извршната постапка да застари и затоа моравме да ја отпочнеме. Оваа постапка е поведена во 2021, а пресудите станаа правосилни во 2022. Надлежниот суд во решението наведе дека попишаните средства не се неопходни, и може работата да се врши и на друг начин. Попишани се движни ствари, и по нивна проценка ќе бидат отуѓени. Во интерес на претпријатието е што побрзо да се најдат средствата и постапката да запре, бидејќи долгот постојано се зголемува“, вели адвокатот Стојмановски, кој додава дека и порано имало слични тужби ама проблемот бил решаван договорно.

    Во ЈП „Чистота и зеленило“ има 330 вработени, од кои 50 се администрација. (Фото: СДК.МК)

    Директорот Стојановски вели дека едно од решенијата на проблемот е финансиска помош од Општина Куманово додека се надмине кризата, а второто е системско решение за сите јавни претпријатија во државата со отпишување на каматите и репрограмирање на старите долгови за да можат да ги вратат во живот.

    ЈП „Чистота и Зеленило“ минатата година ја заврши со загуба од околу 7,2 милиони денари, а има долг кон Управата за јавни приходи (УЈП) во висина од 400.000 евра, кој е направен во периодот од 2004 до 2007  кога ДДВ било 18%. Од предходната Влада бараше отпишување на овој долг, како што тоа беше направено за претпријатијата во други градови.

    Градоначалникот Максим Димитриевски најави дека веќе се разговара за проблемите во јавните претпријатија на државно ниво и се бара решение кое нема да биде селективно.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира