Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ги опиша американските напади врз иранските нуклеарни постројки како најсложената и најтајна воена операција во историјата која резултирала со огромен успех. Тој одржа прес-конференција ден откако во јавноста протече разузнавачки извештај на Пентагон, кој процени дека американските бомби не ја уништиле иранската нуклеарна програма, туку во најдобар случај ја уназадиле за неколку месеци.
„Америка ги уништи иранските нуклеарни капацитети. Протечениот извештај е само првична проценка, а медиумите имаа агенда да ги прикажат нападите како помалку успешни. Тоа беше неодговорно. Дури и шефот на Агенцијата за атомска енергија на Обединетите нации кажа дека е предизвикана огромна штета на иранската нуклеарна програма, а така мисли и ЦИА. Ова е историски успешен напад што би требало да го слават сите Американци“, рече Хегсет.
Шефот на генералштабот на американската војска Ден Кејн кажа дека операцијата „Полноќен чекан“ била кулминација на 15 години планирање и дека САД развиле специјални бункерски бомби што ќе можат да допрат до подземната нуклеарна постројка Фордо, една од трите кои беа нападнати изминатиот викенд.
„Сите бомби фрлени врз Фордо ја погодија целта и експлодираа. Пилотите кажаа дека бомбите ја предизвикале најсјајната експлозија што некогаш ја виделе“, откри Кејн, при што покажа и фотографии од нападите.
Хегсет кажа дека не е свесен за какви било разузнавачки информации дека Иран претходно ги преселил своите залихи на збогатен ураниум, во што го поддржа и Доналд Трамп.
„Ништо не беше изнесено од објектот. Тоа ќе траеше предолго, ќе беше премногу опасно и многу тешко за поместување“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.