Осум членки на ЕУ бараат да се ограничи бројот на деца зачнати со спермата од еден донатор, за да се спречат инцести и психолошки повреди кај идните генерации.
Ваквите зачнувања се во пораст во Европа, зашто стапката на наталитетот паѓа, а асистираната репродукција стана многу подостапна. Но, со оглед на тоа што многу земји не можат да најдат доволно локални донатори, комерцијалните криобанки сè повеќе испорачуваат репродуктивни клетки преку границите, понекогаш од истиот донатор во повеќе земји.
Повеќето земји од ЕУ имаат национални ограничувања за тоа колку деца можат да бидат зачнати од еден донатор, почнувајќи од едно во Кипар до 10 во Франција, Грција, Италија и Полска. Сепак, не постои ограничување за прекугранични донации, што го зголемува ризикот од потенцијални здравствени проблеми поврзани со еден донатор, како и психолошко влијание врз децата кои откриваат дека имаат десетици, па дури и стотици полубраќа и полусестри.
Шведска и Белгија се меѓу осумте членки на ЕУ кои го покренаа ова прашање.
„Ова прашање е оставено нерешено предолго. Ограничувањето би спречило голем број деца да бидат зачнати од ист донатор. Не сакаме генетски полубраќа и полусестри да основаат семејства“, изјави за „Политико“ Каролина Естгрен од Шведскиот совет за медицинска етика.
Таа посочи случај на донатор со редок ген кој предизвикува рак, со чија сперма биле зачнати најмалку 67 деца, од кои на десет потоа им бил дијагностициран рак.
Криобанките, односно банките на сперма и јајце клетки, предупредуваат дека престрогите ограничувања би можеле да ги намалат залихите. Европската банка за сперма тврди дека се одобруваат само 3-5 проценти од мажите кои го започнуваат процесот на селекција, предупредувајќи дека ако ограничувањата се поставени премногу ниско, тоа би ги зголемило трошоците за скрининг и времето на чекање.
„Криобанките користат еден донатор за зачнување на што е можно повеќе деца, бидејќи цената е пониска“, рече Естгрен.
Европската банка за сперма го ограничува бројот на идни родители кои можат да користат еден донатор на 75, дозволувајќи му на еден донатор потенцијално да стане татко на стотици деца.