СО ВКУПНО 170 КИЛОМЕТРИ ВЕЛОСИПЕДСКИ И ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ ЌЕ СЕ ПОВРЗАТ ПЕЛИСТЕР И ГАЛИЧИЦА ПРЕКУ ПРЕСПА

    СО ВКУПНО 170 КИЛОМЕТРИ ВЕЛОСИПЕДСКИ И ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ ЌЕ СЕ ПОВРЗАТ ПЕЛИСТЕР И ГАЛИЧИЦА ПРЕКУ ПРЕСПАДенеска беше потпишан Меморандумот за соработка меѓу УНДП, Општина Ресен и Националните паркови Галичица и Пелистер. (Фото: СДК.МК)

    Обележување и уредување на 100 километри велосипедски и 70 километри пешачки патеки, кои ќе ги поврзат двата национални парка „Пелистер“ и „Галичиц“а и ќе поминуваат низ заштитени подрачја во Преспа, се предвидува со Меморандумот за соработка што денес во Ресен го потпишаа Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Општина Ресен и Националните паркови. Целта на овој проект е развој на интегрирана туристичка инфраструктура на отворено.

    „Развојот на туризмот во Преспа претставува клучен столб на нашата локална економија. Оваа област со својата извонредна природна убавина и богата култура, нуди огромен потенцијал кој мора целосно да се валоризира. Посветено работиме за ревитализација на регионот искористувајќи ја уникатната положба меѓу величествените национални паркови ‘Пелистер’ и ‘Галичица’“, кажа градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски.

    Директорот на Националниот парк „Пелистер“ Иванчо Тошевски вели дека бараат да биде земен во предвид нивниот предлог со велосипедска патека да се поврзат преспанското село Брајчино со Големо Езеро на Пелистер, па со селата од битолската страна Велушина, Трново и Магарево. На тој начин со отворањето на граничниот премин Маркова Нога во Преспа , ќе се направи цел прстен на велосипедска врска.

    „За скоро време ќе се случи отворањето на преминот Маркова Нога, па од полза е да имаме поврзување на Брајчино со Велушина, а потоа следува преминот Меџитлија, кога пак, ќе се влезе во Грција и таму има убави патеки што водат на Буф на шест-седум километри воздушна линија од граница, па се слегува од другата страна на Герман. Планирано е поврзување со велосипедска патека на Герман со Брајчино. и со тоа ќе се заокружи цекокупна туристичка понуда“, вели Тошевски.

    Со објавување на три отворени повици наменети за различни чинители од областа на туризмот, во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“, денес во Ресен, беше означен почеток на активностите од проектот за одржлив туризам со најава за низа активности. Интервенциите ќе се реализираат до јуни 2027 години и ќе бидат во висина до еден милион долари.

    Отворените повици ќе се фокусираат на обуки и менторство за управување со сместувачки капацитети, развој на одржливи туристички производи и унапредување на односите со клиентите, грантови за даватели на сместувачки услуги и граѓански организации.

    Постојаниот преставник на УНДП во земјава Армен Григорјан ја истакна важноста од развојот на туризмот во целиот Преспански Регион како катализатор на локалниот економски развој и отворање можности за сите, а посебно за младите.

    „Заедно со вклучените партнери работиме на реализацијата на заедничката визија за Преспа како уникатна туристичка дестинација со заштитена животна средина и активни, зелени заедници“ , рече Григорјан.

    Проектот „ЕУ за Преспа – Обнова на природните ресурси и унапредување на одржливото земјоделство и туризам“, како дел од интегралната програма „ЕУ за Преспа“ финансирана од Европската Унија и реализиран од УНДП е насочен кон одржливо управување и користење на природните ресурси во Преспанскиот регион, со цел подобрување на квалитетот на живот и економски развој преку нови „зелени“ патишта во земјоделството и туризмот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира