Заменик-шефот на руската морнарица генерал-мајорот Михаил Гудков загина во рускиот регион Курск, каде што раководел со бригада во борбите против Украина. Веста ја објави гувернерот на регионот Приморје, Олег Кожемјако.
Неофицијални руски и украински канали на Телеграм претходно објавија дека Гудков и уште десет војници загинале во украински напад врз командно место во Коронево во Курск. Гудков е еден од највисоко рангираните руски офицери кои загинале од почетокот на руската инвазија.
„Гудков загина додека ја извршувал својата должност како офицер. И откако стана заменик-шеф на морнарицата, тој продолжи да ги посетува своите маринци на фронтот“, изјави Кожемјако.
Гудков примил неколку одликувања за учеството во војната против Украина, која пак го обвини за воени злосторства. Владимир Путин го назначи за заменик-шеф на руската морнарица во март годинава, според соопштение од Кремљ. Тој бил заповедник на 155. бригада на руската Пацифичка флота која се бореше во Курск.
Украина зазеде делови од овој регион во изненадувачката офанзива во август минатата година, но Русија тврди дека тој сега е целосно ослободен.