ЗАВРШУВА ЖЕТВАТА НА ЈАЧМЕНОТ И ПЧЕНИЦАТА, ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ СЕ НЕЗАДОВОЛНИ ОД ОТКУПНИТЕ ЦЕНИ, ИАКО ОД ВЛАДАТА ВЕЛАТ ДЕКА Е ПОВИСОКА ОД ЛАНИ

    ЗАВРШУВА ЖЕТВАТА НА ЈАЧМЕНОТ И ПЧЕНИЦАТА, ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ СЕ НЕЗАДОВОЛНИ ОД ОТКУПНИТЕ ЦЕНИ, ИАКО ОД ВЛАДАТА ВЕЛАТ ДЕКА Е ПОВИСОКА ОД ЛАНИГодинава се очекува род од 160.000 тони јачмен и 170-190.000 тони тони пченица (Фото: СДК.МК)

    Според интензитетот на жетвата овој викенд, кога сите житородни полиња беа полни со комбајни и трактори, може да се каже дека жетвата на јачменот е на самиот крај, а во завршна фаза е и жетвата на пченицата. Но, земјоделците во сите региони се незадоволни од откупните цени, кои според нив се ниски и неприфатливи. Незадоволни се и земјоделците од штипско-карбинскиот и овчеполскиот регион, каде што површините под житарица секоја година се намалуваат на многу места и за сметка на фотоволтаици кои никнуваа на плодни ниви.

    Жетвата на јачменот е пред самиот крај. Квалитетот на зрното е задоволително, а просечните приноси се околу 3,5 тони по хектар. Единствено загрижува што моменталната откупна цена е многу ниска, па јачменот се откупува за 9,5-10 денари за килограм. Нашите пресметки говорат дека производствената цена на јачменот е најмалку 15 денари, а на пченицата најмалку 19 денари, такви беа пресметките и на Земјоделскиот институт во 2023 година. Иако беше најавено, за оваа реколта сѐ уште немаме производствена цена, а Министерството за земјоделство најави откупна нето цена од 12 денари, плус дополнителните трошоци. Меѓутоа, во пракса имаме многу пониска откупна цена“, вели Ѓорги Каракашев од Националната мрежа на земјоделците.

    Министерството за земјоделство известува дека годинашнава откупна цена е повисока од лани. Од друга страна, земјоделските производители велат дека со ниските откупни цени се дестимулираат земјоделците и не случајно во сите житородни региони секоја година се намалуваат површините што се засејуваат со јачмен и лебно жито.

    Според Каракашев, мелничарите ги замајуваат земјоделците и манипулираат со некакви берзански цени и услови кои диктираат, а од друга страна, забораваат дека јачменот и пченицата како лебно жито со закон се во групата на стратешки земјоделски култури кај нас, чии застапеност, производство и откупни цени треба да бидат под будно око на државата.

    Годинава очекуваме род од 160.000 тони јачмен, а домашните потреби се околу 90.000 тони. Од пченицата се очекува род од 170-190.000 тони, а потребите изнесуваат 350-370.000 тони. Тоа значи дека недостигот ќе се надоместува со увоз, но треба да се знае дека сите извозници и од исток и од север нудат дотраено жито, старо и по три години, со што губи од својот квалитет и станува сомнително за употреба“, вели Каракашев.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира