Владата ги задолжи сите членови на институциите кои моментално присуствуваат на 47. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз, преку координиран настап, заеднички да се поднесе амандман за да се повлече Нацрт-одлуката на Комитетот со која Охридскиот Регион се предлага да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност, кажа министерот за култура и туризам по денешната седница на Владата. Нацрт-одлуката е објавена и предвидува впишување во листата. На 10 јули Комитетот по третпат ќе гласа дали Охридскиот Регион, единственото македонско природно и културно светско наследство, ќе биде впишан во Листата на светски наследства во опасност.
Природното и културното наследство на Охридскиот Регион е прогласено за светско наследство на третата седница на УНЕСКО во 1979 година. Во 2019, ова подрачје е проширено за да го вклучи и албанскиот дел од езерото, и со тоа стана меѓудржавно светско наследство.
Денеска, 40 организации од регионот и од Европа објавија дека бараат од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Охридскиот Регион да се впише во Листата на светски наследства во опасност и така да се заштити од уништување. Тие бараат таа одлука да се донесе на 47. сесија на Комитетот за светско наследство која почна на 6 јули во седиштето на УНЕСКО во Париз.
Покрај останатото, во нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство се бара од Македонија итно да ја подобри заштитата на Студенчишко Блато, веднаш да ги стопира сите градежни активности во околината на блатото и хотелскиот комплекс Горица и да го ревидира предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата за да осигура дека истиот е во согласност со стандардите на ИУЦН и наодите на мисијата од 2024 година.
- АКО НЕ САКААТ ОПШТИНИТЕ, ДРЖАВАТА ЌЕ ГИ РУШИ ДИВОГРАДБИТЕ ВО ОХРИД И ВО ДРУГИТЕ ЗАШТИТЕНИ ПОДРАЧЈА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ РАСПИША ТЕНДЕР ЗА УРИВАЊЕ
- ОХРИДСКИОТ РЕГИОН КОНЕЧНО ДА БИДЕ ВПИШАН ВО ЛИСТАТА НА СВЕТСКИ НАСЛЕДСТВА ВО ОПАСНОСТ ЗА ДА СЕ ЗАШТИТИ, БАРААТ ОД УНЕСКО 40 ОРГАНИЗАЦИИ ОД ЕВРОПА
Љутков на денешната прес-конференција кажа дека јавноста мора да ја знае вистината дека оваа одлука е резултат на директна последица на години негрижа, неодговорност и институционален распад што, како што вели, го оставила поранешната влада во периодот од 2017 до 2024 година.
„Актуелниот Извештај се однесува токму на овој период на владеење на СДСМ и ДУИ. И во тие седум години не само што не беше преземено речиси ништо од препораките на УНЕСКО, тие наместо заштита, гледавме игнорирање на експертски извештаи и системско разнебитување. Секој ден како Влада се соочуваме со историски одлуки, не само да го сопреме уништувањето, туку и да го спасиме и обновиме сето она што другите го запоставија. Работиме со максимална посветеност во координација со сите надлежни институции, а тука се Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина, Управата за заштита на културно наследство, домашните експерти се со цел да покажеме дека оваа Влада може и знае поинаку да се однесува кон културното наследство. Но, вистината ќе мора да се каже јасно, додека тие ги затвораа очите, ние ќе ги отвораме вратите за спас, додека тие молчеа пред предупредувањата, ние сакаме да зборуваме со дела. Граѓаните имаат право да знаат дека токму тие што го доведоа Охрид на работ на губење на својот статус се истите кои денес држат лекции од опозиција. Историјата нема да ги заборави овие работи, а ние нема да дозволиме нивната негрижа да го чини Охрид со некаква поинаква иднина“, кажа Љутков.
Граѓанските организации го доставија писмо до сите 21 членови на Комитетот, со кое бараат усвојување на нацрт-одлуката,„имајќи ги предвид претходните две искуства, кога Комитетот ги игнорираше препораките на експертите Охридскиот Регион да биде прогласен за светско наследство во опасност, што резултираше со нови закани и уште поголемо уништување на вредностите“.
„Имајќи го предвид степенот на досегашната деструкција, итната потреба за реставрација на природните и културните вредности на подрачјето, екстремно загрижени поради сите се уште нереализирани (но усвоени/одобрени) планови и проекти и реалната опасност за неповратно губење на интегритетот и автентичноста, бараме Комитетот за светско наследство на својата 47 сесија во Париз, Франција, да го заштити и зачува Охридскиот Регион за сите идни генерации, со тоа што ќе ја усвои нацрт-одлуката за негово впишување во Листата на светски наследства во опасност“, се вели во писмото потпишано од 17 организации од Македонија, 13 од Албанија, 1 европска мрежа од 15 организации и 9 организации од Хрватска, Србија, Бугарија, Австрија и Обединетото Кралство.
Писмото е проследено и со детален извештај на организацијата Фронт 21/42, во кој детално е анализирано што е спроведено на терен до одлуките Комитетот за светско наследство, проследено со визуелни симулации на тоа какво уништување на Охрид и Охридско ќе има ако се спроведат постоечките и планирани урбанистички планови донесени од локалните власти во Охрид.
Заклучно со 2021 година, во Македонија има две места на светско наследство кое е впишано во списокот на УНЕСКО — Охридскиот Регион, поречието на Длабока Река, и уште четири на опитниот список.
Поречието на Длабока Река во Мавровско е прогласено за природно наследство во јули 2021. Од 2004 на опитниот список како природно наследство се Пештера Слатински Извор кај Македонски Брод, Маркови Кули кај Прилеп, како културно наследство од 2009 е Археоастрономско наоѓалиште Кокино кај Старо Нагоричане, а од 2020 црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново кај Ресен. Согласно правилата, некое место пред да се најде на списокот на светско наследство мора прво да е вклучено во опитниот список.
Б. НЕСТОРОСКА