Грчки „канадери“, на барање на македонскиот Центар за управување со кризи (ЦУК) дејствуваат на пожарот кај село Николиќ, во близина на Дојран, заедно со две грчки противпожарни екипи.
„Ер-тракторот“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) дејствува во Крива Паланка, додека хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи (МВР) е упатен кон селото Орман, во скопската општина Ѓорче Петров.
Од ЦУК велат дека ангажирани се припадници од Армијата, кои активно учествуваат во гаснењето на повеќе позиции. Приоритет е пожарот кај касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје, каде што се ангажирани 60 припадници. Во село Николиќ се распоредени 60 припадници, во Крива Паланка дејствуваат 30 припадници, а една екипа од АБХО е ангажирана на пожарот во Визбегово.
До 18 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 се активни, а 4 се изгаснати.