ТИ СИ БОРКО АМА ЈАС НЕ СУМ ТОРКО, ЈАКИМОВСКИ ОБВИНИ ДЕКА МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ САКА ДА ПРАВИ КАФЕАНА ВО ДВОРОТ НА САЛАТА „ПАРТИЗАН“

    ТИ СИ БОРКО АМА ЈАС НЕ СУМ ТОРКО, ЈАКИМОВСКИ ОБВИНИ ДЕКА МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ САКА ДА ПРАВИ КАФЕАНА ВО ДВОРОТ НА САЛАТА „ПАРТИЗАН“Јакимовски кажа дека Ристовски лаже оти салата не била ставена во функција и затоа ѝ се одзема на Општина Карпош. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски вечерва на протестот пред салата „Партизан“ рече дека министерот за спорт Борко Ристовски сака да направи кафеана во дворот и зеленилото и затоа го одзема објектот од Општината.

    „Знам кој заб го боли министерот Ристовски, не им до вежбање и спорт, до бизнис им е. Во горниот дел од салата има мал простор за шанк со мало кафуле и фитнес центар. Дојдоа намесници негови дали ќе им дадам овде во зеленилото да направат кафеана, сето зеленило во дворот да го заградат. Им реков не. И затоа јавно да му кажам на министерот, ти си Борко ама јас не сум торко, мислиш дека има голем бизнис и сакаш овде со другарите да си дојдеш и да си правиш кафуле и ресторан. Да направиш како оној што твојот другар го направи спроти бензинската пумпа на ‘Макпетрол‘ на булеварот Партизански одреди, каде има 24 паркинг места, а 300 седишта и сега им се создаде проблеми на граѓаните во околината“, рече Јакимовски.

    Министерството за спорт доставило документ до Општина Карпош дека ѝ се одзема салата „Партизан“ во населбата Карпош 4 и дека тоа ќе управува со неа. Ваквата одлука била донесена на владина седница на 17 јуни во која, а Јакимовски рече нема никакво објаснување зошто се одзема салата. Од Министерството за спорт велат дека салата се одзема бидејќи не била ставена во функција речиси една година. Во денешното соопштение од Министерството го прашуваат Јакимовски дали е вистина дека имал намера да отвори кафетерија во просториите на салата и дека веќе има земено депозит и дали е вистина дека веќе има договорено со нему блиски луѓе, да им бидат дадени на користење деловни простории во салата?

    Јакимовски кажа дека Ристовски лаже оти салата не била ставена во функција и затоа ѝ се одзема на Општина Карпош.

    „Салата од март е ставена во функција, туку се одржуваа училишните спортски игри, а распишан е повик за изнајмување на спортски клубови. Општината ја доби салата без приклучоци за парно, без вентилација и без никаква спортска опрема. Со месеци се јавував и барав средба со Ристовски за да се договориме околу опремувањето бидејќи тие го распишаа тендерот. Но, одговор никаков немав. Потоа Општина Карпош за неколку месеци ги заврши сите постапки за набавки за да ја ставиме салата во функција и ја ставивме. Не е секој објект за бизнис и за криминалци, оваа сала е симбол на Карпош“, додаде Јакимовски.

    Јакимовски најави дека Општина Карпош ќе ги преземе сите правни механизми салата „Партизан“ да остане во владение на Општината.

    Советот на Општина Карпош денеска донесе одлука салата да остане во сопственост на Општината. За одлуката гласаа сите советнички групи освен ВМРО-ДПМНЕ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира