Во локалиетот Стоби завршија дел од активностите од проектите од годишната програма на Министерството за култура, дел продолжуваат од септември. Годинава акцент се стави на малку истражуваната и запоставената градба со арки. Станува збор за објект единствен на Балканот со богата ѕидна и подна декорација, величенствена јавна градба.
„Работевме на Римската библиотека. Се конзервираше комплетно Источниот ѕид и дел од Јужниот. Археолозите работеа на еден неистражен дел покрај Северниот ѕид. Работевме нешто што претходно не било ископувано во кампањите од пред 25 години. Стигнавме до рушењето на градбата која се срушила поради пожар, а со тоа и целата декорација. Можеме да ја реконструираме декорацијата на ѕидовите, знаеме како изгледале. Откако ќе продолжиме во септември, ќе знаме попрецизно за нејзината целосна слика“, кажа Гоце Павловски, археолог од Националната установа (НУ) „Стоби“.
Градбата со арки била со површина од 1 илјада квадратни метри и висина од 20 метри, како една денешна петкатница.

Годинава акцент се стави на малку истражуваната и запоставената градба со aрки, објект единствен на Балканот, величенствена јавна градба со богата ѕидна и подна декорација. (Фото: НУ „Стоби“)
Втора година по ред се работи и на истражување на Јужната порта и Јужниот бедем. По повеќе од две децении работа, почнувајќи од 2001, целосно е завршен конзерваторскиот третман на Јужниот бедем. Јужната порта и последниот сегмент се откриени во 2010, а детално истражени до 2021.
„Лани се работеа истражувањата, годинава работиме на конзервација. Портата која беше откриена 2010, со неколкугодишна работа успеавме целосно да ја истражиме. Таа е нов влез во градот, за кој не знаевме дека постои. Припаѓа на раноримски период и е монументална во секој поглед“, рече Јован Радњански, археолог.
Обновена е и понудата на сувенирницата, на влезот од локалитетот, фондот е збогатен. Со тоа е зголемена понудата за бројните посетители кои летово на пропатување од или за Грција, застануваат да го посетат Стоби.
П. ПЕЧКОВ