Доналд Трамп изјави дека јавната обвинителка Пем Бонди би требала да ги објави сите веродостојни документи за покојниот сексуален престапник и педофил Џефри Епстајн. Тој се соочи со критики од своите поддржувачи откако се обиде да стави крај на случајот.
Бонди беше нападната од дел од политичката база на Трамп откако минатата недела кажа дека нема докази дека Епстајн чувал листа на клиенти или дека уценувал моќни јавни личности. Трамп викендов им порача на своите поддржувачи да не трошат време и енергија на овие контроверзи, но некои, како спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, рекоа дека е потребна транспарентност.
Многумина од движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ сметаат дека деталите за злосторствата на Епстајн се кријат со цел да се заштитат влијателни личности или разузнавачки агенции. Трамп вчера ја пофали Бонди за начинот на кој се справува со ова прашање.
„Од неа ќе зависи. Што и да смета дека е веродостојно, таа треба да го објави“, рече Трамп.
Кога еден новинар го праша дали јавната обвинителка му рекла дали и неговото име се појавува во некој од записите, Трамп одговори: „Не, не“. Тој вчера го опиша случајот Епстајн како валкан и здодевен.
„Само навистина лоши луѓе, вклучувајќи ги лажните вести, сакаат да продолжат со нешто вакво“, рече Трамп.
На вчерашна прес-конференција неповрзана со овој случај, Бонди одби да збори за Епстајн.
Во февруари, Бонди изјави за „Фокс њуз“ дека го има на увид списокот на клиенти на Епстајн, но нејзиниот портпарол минатата недела кажа дека таа всушност мислела на целокупните досиеја од случајот.
Епстајн почина во американски затвор во 2019 додека чекаше федерално судење и неговата смрт беше оквалификувана како самоубиство, што е потврдено и во последниот меморандум на министерството за правда, објавен во соработка со ФБИ.