КОЈЗНАЕ КОЛКУ ДОКТОРИ ИМА ШТО НЕ СЕ ПРИЈАВЕНИ, НЕ ОДГОВАРААТ БРОЈКИТЕ ШТО МИ ГИ ИСПРАЌААТ УСТАНОВИТЕ, РЕЧЕ АЛИУ

    КОЈЗНАЕ КОЛКУ ДОКТОРИ ИМА ШТО НЕ СЕ ПРИЈАВЕНИ, НЕ ОДГОВАРААТ БРОЈКИТЕ ШТО МИ ГИ ИСПРАЌААТ УСТАНОВИТЕ, РЕЧЕ АЛИУОВР Струга вчера поднесе кривична пријава против 42-годишниот К. С. од Струга, вработен како лекар во Општата болница во градот, поради сомнение за сторено кривично дело Несовесно работење во службата. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Министерот за здравство Азир Алиу вели дека во државава нема точна бројка колку доктори има, бидејќи добива различни податоци од институциите.

    На денешната прес-конференција во Министерството за здравство, новинарите го прашаа Алиу за случајот кој беше објавен вчера, кога ОВР Струга поднесе кривична пријава против 42-годишниот К. С. од Струга, вработен како лекар во Општата болница во градот, поради сомнение за сторено кривично дело Несовесно работење во службата.

    Според информациите од полицијата, пријавениот од 1 јули 2019  па сè до добивањето на отказното решение на 29 ноември 2024, не се јавувал на своето работно место, ниту пак го известил работодавачот за прекинот на специјалистичкиот стаж. Дополнително, од 15 јули 2020 година, кога му истекла важноста на лекарската лиценца, па сè до моментот на отказ, К. С. немал важечка лиценца за работа како доктор по медицина, издадена од Лекарската комора. И покрај тоа, тој редовно примал плата и други додатоци, со што, како што стои во пријавата, го оштетил буџетот на болницата за вкупен износ од 1.956.569 денари и се стекнал со противправна имотна корист.

    „За жал, еве јас ќе ве прашам, како е дозволено министер за здравство да не знае точна бројка на доктори во странство. Најбазично прашање до вас како новинари. Уште немам јасна бројка, кога велам јасна и прецизна, бројката е бројка. Не може да биде плус еден или минус еден. Додека не стигнеме до тоа плус еден или минус еден, јас јавно ќе кажам дека сѐ уште не знам точна бројка на доктори. Е сега, во таков систем кога не знаете точна бројка на доктори, можеби има уште повеќе од еден доктор, кој што се јавува за жал во Струга, најверојатно имаме, ова е претпоставка, ако еден ви се појавува некаде, претпоставката е дека можеби имате и во други градови. И можеби додека збориме, сѐ уште фунционираат“, кажа Алиу.

    Министерот додаде дека уште во првите денови кога дошол на функцијата, испратиле  барања до институциите да им дадат податоци.

    „Бројот на вработени и профилот на вработени во институциите не е во согласност со систематизацијата и органограмот на институцијата и ние пак добиваме неточна бројка. Не ни се компатибилни со институциите. Сега испратвме ново барање, за реалната бројка, без систематизација и чекаме одговори. Секое барање трае“, кажа Алиу.

    Според министерот, за жал системот не дава точни резултати, системот нема следење на процесите, не се знае докторот кога дава една процедура, не се знае како завршува и колку време трае таа процедура. Затоа во Министерството се прави функционална анализа која ќе им каже и колку луѓе ќе треба да има  во здравствениот систем, каква инфраструктура треба да има, колку време треба да трае еден процес, не со месеци пациентите да чекаат еден резултат.

    „Таа функционална анализа е една од најкрупните и не сакаме брзо да се направи, туку точно. После таа анализа, ќе треба да се направат тие реформи кои ги најавуваме“, рече Алиу.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира