Поранешната министерка за животна средина Каја Шукова ќе биде кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Скопје. Докторката Маја Мојсова-Мијовска, која беше Национална координаторка за трансплантација, ќе биде кандидатка за градоначалничка на Општина Карпош.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на денешната прес-конференција ја соопшти одлуката на Извршниот одбор на партијата, која се однесува на давање согласност за кандидатури за 16 градоначалници за претстојните локални избори во октомври.
„Кандидат за градоначалник на Битола ќе биде претседателот на општинската организација, Методија Куновски. Во Валандово актуелниот градоначалник Перо Костадинов, во Виница претседателот на општинската организација Гоце Милевски. Во Зрновци исто така претседателот на општинската организација, Ванчо Митев, во Кавадарци регионалниот партиски координатор Виктор Велевски. Во Oпштина Карпош д-р Маја Мојсова Мијовска, во Oпштина Кисела Вода Горан Трајковски. Во Oопштина Маврово и Ростуше Анес Ахмети. Во Oпштина Ново Село Петар Спасов, во Петровец Елизабета Зелениковска. Во Прилеп претседателката на општинската организација, Петра Лукароска, во Радовиш исто така претседателот на општинската организација, Ристо Спасов. Во Свети Николе Дејан Гичев, поранешен директор на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во Oпштина Чашка актуелниот градоначалник Горан Стојановски, во Oпштина Брвеница Светлана Митреска-Анџелковска, и кандидат за градоначалник на СДСМ за Град Скопје ќе биде партиската потпретседателка и поранешна министерка, Каја Шукова“, соопшти Филипче.
Противкандидат на Шукова за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ ќе ѝ биде градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
Кандидатот за градоначалник на Битола, Методија Куновски е новинар по професија, претседател на Општинската организација на СДСМ од Битола. Куновски беше долгогодишен новинар, уредник на локалната ТВ Орбис, извесен период дописник на ТВ Сител, во последните седум години работеше како портпарол на РЕК Битола до промената на власта. Тој во Битола ќе му биде противкандидат на досегашниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски.
А. АНТЕВСКА