Без претходни најави, познатата шведска активистка Грета Тунберг пристигна во Македонија, при што го посети Социјално-културниот центар во Тетово и најави дека ќе се приклучи на блокадата против изградбата на мала хидроцентрала на реката Дошница на Кожуф.
„Јас сум во Скопје, каде што македонскиот парламент вчера одби да изгласа испраќање хуманитарна помош во Газа. Мора да покажеме солидарност и да возвратиме. Ќе се приклучам на дискусија во социјалниот центар ‘Дуња’ и на блокадата на реката Дошница“, кажа Тунберг во видео објавено на Фејсбук.
Еко-активистите од целата држава веќе еден месец го блокираат патот кон скијачкиот центар на Кожуф и не дозволуваат да започне изградбата на мала хидроцентрала на реката Дошница.
Дваесет и двегодишната Тунберг почна со климатскиот активизам на 15 години, редовно протестирајќи пред шведскиот парламент. Нејзините активности го покренаа глобалното ученичко движење „Петоци за иднината“. Во 2019, „Тајм“ ја прогласи за една од 100-те највлијателни личности во светот.
Тунберг неодамна беше дел од групата активисти кои се обидоа со јахта да ја пробијат израелската блокада на Газа и да достават помош.
„Имавме задоволство да ја пречекаме Грета Тунберг во нашиот заеднички простор. Го посетивме и новиот простор во кој се преселуваме, каде што во изминатата недела нашите волонтери, заедно со повеќе од сто волонтери од нашата меѓународна мрежа во Белгија, Косово, Црна Гора и БиХ, интензивно работеа да ја овозможат оваа транзиција“, објави Социјално-културниот центар во Тетово на Фејсбук.