МИНИСТЕРОТ РИСТОВСКИ И ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА СЕ ОБВИНУВААТ МЕЃУСЕБЕ КОЈ Е КРИВ ЗА ЛОШАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА МЛАДИНСКАТА ОЛИМПИЈАДА

    МИНИСТЕРОТ РИСТОВСКИ И ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА СЕ ОБВИНУВААТ МЕЃУСЕБЕ КОЈ Е КРИВ ЗА ЛОШАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА МЛАДИНСКАТА ОЛИМПИЈАДАЗа Олимпијадата немаше никаква промоција, јавноста дозна дека таа се одржува дента кога почнаа натпреварите, а дел од спортистите учесници се жалеа на лоша организација во однос на сместувањето и превозот. (Фото: Фејсбук)

    Министерот за спорт Борко Ристовски вели дека неговото министерство не е организатор на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), туку Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Град Скопје. Градоначалниката Данела Арсовска, пак, вели дека градот само помогнал да бидеме избрани за домаќин, а МОК ја презел организацијата.

    Од 20 до 26 јули во Скопје и Куманово се одржува ЕМОФ 2025, на кој настапуваат над 4.000 млади спортисти од 49 европски земји. За Олимпијадата немаше никаква промоција, јавноста дозна дека таа се одржува дента кога почнаа натпреварите. Дел од учесниците се жалеа на лоша организација во однос на сместувањето и превозот. Спортисти од Шпанија објавија видео од паднат плафон во тоалетот во собата каде што се сместени. Автобусите кои ги превезуваат ги нема доволно, па мораат да се возат се јавен превоз, кој е редуциран поради летниот распоред. Контролори од ЈСП им бараат билети на децата, иако секаде низ светот кога се организираат вакви настани јавниот превоз е бесплатен за учесниците. Двајца велосипедисти од Исланд беа удрени од автомобил додека тренирале ден пред настапот.

    Министерот Ристовски вели дека сѐ што било побарано од Владата и Министерството за спорт во однос на логиостика и финансиска поддршка го исполниле во целост.

    „Сите капацитети што ги има државата беа дадени на користење и сите барања кои беа доставени и од Град Скопје и од МОК ги исполнивме во целост. Ние како Влада и Министерство за спорт вложивме над еден милион евра за помош на организацијата на овој спортски фестивал, но тоа е само во делот на тоа што беше побарано од нас од страна на организаторите. Ние немаме апсолутно ништо со организацијата на ЕМОФ 2025, ниту може да имаме затоа што не сме организатори. Во последен момент МОК и Град Скопје побараа поддршка од нас и ние тоа во целост го исполнивме“, вели Ристовски.

    Ристовски кажа дека е свесен за реакциите за слабата организација, но тие се испратени на погрешна адреса. Објаснува дека организацијата е добиена пред две години и дека ниту тогашната, ниту актуелната влада немаше потпишано никаква согласност дека ќе даде поддршка за одржување на вакво големо натпреварување во Македонија.

    „Ние како Министерство за спорт сме затекнати во оваа ситуација и она што можевме да направиме беше да помогнеме во тоа што беше побарано од нас. Обезбедивме 50 автобуси што беа побарани од нас, обезбедивме 150 кревети што беа побарани да се стават во студентските домови, обезбедивме кетеринг за дел од делегациите и ги дадовме на располагање сите државни капацитеи во студентските домови без надоместок. Ако мене ме прашувате, сите учесници на оваа спортска манифестација требаше да бидат сместени во хотели. Но, за жал, за овој голем настан немаме доволно хотелско сместување. Ние во овој момент правиме сѐ што е во наша моќ да ги подзакрпиме тие дупки што се настанати од организаторите“, вели Ристовски.

    Градоначалничката Данела Арсовска му одговори на Ристовски дека Град Скопје само помогнал Македонија и Скопје да бидат домаќини на Европската младинска олимпијада 2025.

    „Претседателот на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димески веднаш потоа одлучи дека организацијата ќе ја води заедно со Министерството за спорт и половина од настанот, спротивно на стандардите, скандалозно го однесе во Куманово. Цела година МОК и Министерството за спорт ја организираат олимпијадата, Град Скопје беше целосно исклучен, дури не доби ниту покана за отворањето. Откако нѐ посрамија на меѓународната сцена, сега сакаат Град Скопје да им биде виновен за нивната неспособност“, соопштија од кабинетот на Арсовска.

    Претседателот на МОК Даниел Димевски рече дека слабата и задоцнета промоција на Европскиот младински олимписки фестивал е резултат на одлуката да се избегнат двојно повисоките цени што хотелиерите ги побарале веднаш штом дознале за настанот.

    „Можеби требаше порано да отпочне силната промоција на овој настан, но одлуката да се оди со еден подруг пристап, со интензивна кампања последниот месец, беше оправдана од клучната причина. Повеќе од две третини од капацитетите што ги користиме се хотели. Хотелиерите, водени од комерцијални принципи, во прв момент кога дознаа дека ќе се случи ваков настан, ги зголемија цените двојно“, рече Димевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира