ГРАЃАНСКИОТ СУД ГИ ИЗВЕСТИ НЕЗАВИСНИТЕ ГРАЃАНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ ДЕКА ЌЕ ИМ ГИ ПРИЗНАЕ ДИГИТАЛНО ИЗДАДЕНИТЕ ДРЖАВЈАНСТВА ЗА РЕГИСТРИРАЊЕ НА ПАРТИЈА

    ГРАЃАНСКИОТ СУД ГИ ИЗВЕСТИ НЕЗАВИСНИТЕ ГРАЃАНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ ДЕКА ЌЕ ИМ ГИ ПРИЗНАЕ ДИГИТАЛНО ИЗДАДЕНИТЕ ДРЖАВЈАНСТВА ЗА РЕГИСТРИРАЊЕ НА ПАРТИЈАНезависните советници од граѓанските иницијативи во скопските општини на 7 јули побараа поддршка и од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во однос на блокадите од политичките партии во Парламентот за нивно учество на изборите. (Фото: Претседателка на РСМ)

    Основниот граѓански суд Скопје ги извести независните кандидати,  листи и граѓански иницијативи кои се принудени да формираат политичка партија за да учествуваат на локалните избори, дека судот ќе ги прифати Уверенијата за државјанство издадени во електронска форма. Судот нема да инсистира на несменетата и застарена одредба во Законот за политички партии која бара потписниците, односно основачите на политичката партија или да донесат оригинали Државјанства, или копиите да мора да ги заверат секој поединечно на нотар.

    „Судот ќе ги прифати Уверенијата за државјанство издадени во електронска форма, бидејќи согласно член 6 од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, електронскиот документ има иста правна и доказна сила како и писмената форма на документот и може да се користи како доказ во судска постапка. Заложбите на ОС Граѓански суд Скопје се во насока на обезбедување на правото на пристап до суд и унапредување на дигитализацијата“, ги извести Граѓанскиот суд заинтересираните „Шанса за центар“, „Независни за Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“.

    Судот дополнува дека текот на судската постапка, односно регистрацијата на партијата, ќе се спроведе во согласност со предвидените рокови, за да немаат заинтересираните странки страв дека рокот за регистрацијата ќе зависи од желба и волја на судија или Суд.

    На независните им се потребни 1.000 потписи и Уверенија за државјанства за регистрирање партија.

    Кога ќе соберат, Судот има рок од 15 дена да ја впише новата партија во Регистарот на политички партии.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира