Новиот американски противракетен штип „Златна купола“ ќе има четири слоја, еден базиран на сателит и три на копно, со 11 системи со краток дострел распоредени низ континенталниот дел на САД, Алјаска и Хаваи, објави „Ројтерс“, кој добил увид во презентацијата на проектот.
Слајдовите им биле презентирани на 3.000 изведувачи во Хантсвил, Алабама и ја откриваат невидената сложеност на системот, кој треба да биде изграден до 2028, според амбициозниот рок поставен од Доналд Трамп.
Се проценува дека системот ќе чини 175 милијарди долари, но слајдовите покажуваат дека сè уште постојат неизвесности околу основната архитектура на проектот, бидејќи бројот на лансери, пресретнувачи, копнени станици и ракетни локации потребни за системот сè уште не е утврден.
„Тие имаат многу пари, но сè уште не знаат колку точно ќе чини“, рече еден американски функционер.
Конгресот досега издвои 25 милијарди долари за „Златната купола“. Дополнителни 45,3 милијарди долари се планирани во барањето за претседателскиот буџет за 2026.
Според слајдовите, архитектурата на системот се состои од четири интегрирани слоја: вселенски слој за предупредување и следење ракети и „ракетна одбрана“ и три копнени слоја, што се состојат од пресретнувачи на ракети, радари и можеби од ласери. Се планира и ново големо ракетно поле за пресретнувачи од следната генерација.
Една од клучните цели на „Златната купола“ е да ги соборува проектилите во нивната „фаза на засилување“, што е бавно и предвидливо искачување на ракетата низ Земјината атмосфера.
„Златната купола“ е инспирирана од израелската „Железна купола“, но е значително поголема поради географијата што ќе треба да ја заштити и сложеноста на заканите со кои ќе се соочи.