70 ПОЕТИ ОД ПОВЕЌЕ ЗЕМЈИ ДОАЃААТ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА, ГОДИНАВА ФОКУСОТ Е НА ГЛАГОЛИЦАТА

    70 ПОЕТИ ОД ПОВЕЌЕ ЗЕМЈИ ДОАЃААТ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА, ГОДИНАВА ФОКУСОТ Е НА ГЛАГОЛИЦАТАДиректорот Никола Кукунеш и уметничкиот директор Мите Стефоски на денешната прес-конференција во Струга. (Фото: СВП)

    Седумдесет поети од Македонија од земјава и странство, како и критичари, преведувачи и литературни работници ќе учествуваат на 64. издание на Струшките вечери на поезијата (СВП), кое ќе се одржи од 21 до 25 август.

    Како што рече директорот на СВП Никола Кукунеш на денешната прес-конференција, покрај лауреатот на Златниот венец, словачкиот поет Иван Штрпка, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик, ќе дојдат и поети од земјава, Македонија, Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, Литванија и земјите од соседството.

    Кукунеш рече дека фокусот на годинашното издание ќе биде глаголицата, како една симболична врска, мост кој обединува низ вековите.  Глаголицата е првата словенска азбука, составена од браќата Кирил и Методиј во 9. век, којашто содржела 38 букви и на која биле напишани најстарите црковни книги.

    „Врска меѓу Македонија и Словачка уште од времето на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, и поетска Словачка што ни доаѓа преку лауреатот Иван Штрпка. Токму затоа, за промоција на годинашното издание подготвени се графички и видеосодржини кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик. Традиција или врска која што надминува временски период од 1.160 години. Годинава, манифестацијата ги подвлекува овие вредности што како традиција ги имаме во поглед на литературното создавање и несомнено и во поезијата, бидејќи се појавува уште со почетоците на писменоста кај нас. Тоа значи дека и литературата и јазикот и поезијата своите корени ги влечат далеку во минатото, а нивните рефлексии и одеци ги слушаме и денес“, рече Кукунеш.

    Според него, Струшките вечери на поезијата не се локална организација ниту локален настан, туку ги надминуваат границите на државата и се широко етаблирани и познати во светот.

    „Она кое се обидуваме подолго време да го потврдиме како некаква теза која вреди да се воочи и да се сфати како факт е дека Струшките вечери на поезијата не се локална организација и не се локален настан. Освен тоа што се национални, ги надминуваат рамките на државата. Манифестацијата е широко етаблирана и позната во светот. Она што мора да го разбереме е дека вложувањето токму во таа меѓународна промоција на нашиот јазик и култура е тоа за кое што оваа манифестација е всушност наменета и тоа е нејзината основна цел“, подвлече Кукунеш.

    Уметничкиот директор на СВП, Мите Стефоски кажа дека годинава се објавува една ретка антологија „Дионис и Свети Трифун“, панорама на македонската винска поезија, чиј приредувач е поетот и антологичар Славе Ѓорѓо Димоски, која ќе биде презентирана на фестивалот.

    „Од другите значајни промени во програмата ќе го истакнеме враќањето на белезите на Струшките вечери на поезијата, како што се читањата кај споменикот на Свети Климент на плоштадот во Охрид и патувањето со брод и поетското читање на Свети Наум. Поетското матине годинава ќе биде во предворјето на црквата ‘Света Богородица Перивлепта“’ во Охрид. Имаме една впечатлива програма, која е сосема пристојна и одговара на нивото и реномето на Струшките вечери на поезијат во светот“, додаде Стефоски.

    Покровителка на манифестацијата е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а како национална установа е финансирана од Министерството за култура и туризам.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира