Мечка влегла во овоштарникот на Борко Петровски од тетовското село Доброште и целосно искршила околу 100 лешникови дрвја. Овоштарникот се наоѓа на крајот од селото, веднаш до шумата. Петровски во тие денови бил на одмор, а кога се вратил бил информиран од соседите за штетата која му била направена.
„Кога дојдов до овоштарникот и кога видов како речиси сите сто дрвја со лешници се паднати, а гранките искршени, се запрепастив. Од сто дрвја со лешници дали две-три беа зачувани и тоа беа некои помали дрвца. Другото беше уништено, гранките испокршени и оборени на земја. Долу по земјата имаше само лушпи од лешниците. Тажна глетка за секого, па и за мене бидејќи тој овоштарник 10 години го негував и одржував. Направена ми е голема материјална штета која треба да ја утврди вешто лице“, вели Петровски.
Била повикана полиција која направила увид и записник, а откако ќе го добие записникот Петровски треба да поднесе барање за надоместок на штетата.
Ова не е првпат мечка да му влезе во овоштарникот. Истото му се случило и пред три години, но тогаш мечката причинила помала штета и повеќе јадела од овоштарникот со јаболка кој се наоѓа веднаш до лешниците.
„Годинава, поради лошото време и снегот кој падна во април токму во периодот кога дрвјата цветаа, во планината над селото не може да се најде никаква овошка. Порано имало голем број дрвја со сливи кои им беа главна храна на мечките, но годинава не може да се најдат сливи, ниту диви круши и јаболка. Така е и со другите шумски плодови. Покрај тоа и сушата си го направи своето, па затоа мечките во потрага по храна се спуштаат во селските овоштарници и се хранат со лешниците, кои единствени оваа година имаат плодови“, вели Благоја Котевски, жител на селото.
Мечките на жителите на Доброште честопати им прават штети. Пред две години, мечка влезе во дворот на жител на ова село и оштети десетина сандаци со пчели. Исто така, во изминативе години две мечки беа прегазени додека се движеа по магистралниот пат кај село Доброште.
З.АНДОНОВ