СПОМЕН-СОБАТА НА ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ ВО СЛОЕШТИЦА ДАДЕНА ПОД КОНЦЕСИЈА НА НЕВЛАДИНА, СИН МУ СЕРГЕЈ РЕАГИРА ДЕКА ДОЛГО ВРЕМЕ БИЛА ЗАТВОРЕНА, А ЉУТКОВ РЕЧЕ АПСОЛУТНА НЕВИСТИНА Е ОТИ СЕ РАСПАЃА

    СПОМЕН-СОБАТА НА ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ ВО СЛОЕШТИЦА ДАДЕНА ПОД КОНЦЕСИЈА НА НЕВЛАДИНА, СИН МУ СЕРГЕЈ РЕАГИРА ДЕКА ДОЛГО ВРЕМЕ БИЛА ЗАТВОРЕНА, А ЉУТКОВ РЕЧЕ АПСОЛУТНА НЕВИСТИНА Е ОТИ СЕ РАСПАЃАСамо што пристигна министерот, Андреевски влезе во собата и реагираше дека долго време била заклучена и неисчистена. (Фото: СДК.МК)

    Во Спомен-собата на македонскиот книжевен великан Петре М. Андреевски во неговото родно село Слоештица, Демирхисарско, денеска ставовите за состојбата на поставката ги споделија синот на писателот, уметникот Сергеј Андреевски и министерот за култура Зоран Љутков. Спомен-собата е дел од реновираниот Дом на културата во Слоештица, кој заедно со неа од почетокот на август се доделени под концесија на невладината организација „Моето родно место”.

    Само што пристигна министерот, Андреевски влезе во собата и реагираше дека долго време била заклучена и неисчистена.

    „Реагираме дека просторијата е вечно затворена, а е направена да биде посетена. Најмногу реагираме бидејќи истите луѓе кои досега ја имаа невладината организација и отсега се истите кои ќе владеат со Домот. Можете да видите дека свежо е чистено и сега изгледа поубаво. И да е исчистено, просторијата треба да има лице кое ќе разговара, ќе прима луѓе, ќе знае за делото на татко ми. Тие не ни знаеја дека во ковчезите се заклучени оригинални книги потпишани од татко ми своерачно”, рече Сергеј Андреевски.

    Сергеј Андреевски во Спомен-собата во Слоештица. (Фото: СДК.МК)

    Министерот Љутков изјави дека посетата е испровоцирана по објавите на социјалните мрежи и во медиумите дека поставката се чува во несоодветни услови, има премногу влага и предметите се во критична состојба, за што потенцираше дека е апсолутна невистина.

    „Нема ни влага, ни мувла, овие услови се нормални. Тоа дека ракописите се распаѓаат е апсолутна невистина, бидејќи разбравме дека се наоѓаат во МАНУ. Ние добивме допис на 30 јули, кога бев заминат на пат, во кој семејството се жали на некоја постапка. Го добив кога се вратив од Охридско лето, а објавата на Фејсбук веќе излезе. Ќе беше убаво фамилијата со која се познаваме да ми се обратеше лично мене. Така и се решаваат работите, а не се решаваат само кога треба да ви се помогне”, рече Љутков апелирајќи да не се прават сензационални вести од ликот и делото на великанот.

    Министерот додаде дека постојат две решенија, собата да остане на невладината организација или да оди под Домот за култура – Демир Хисар, каде ќе се вклучи и Министерството за култура со поддршка за да се институционализира.

    Градоначалникот на Демир Хисар Никола Најдовски рече дека по објавите на интернет оти е загрозена поставката, утрото направиле увид и фотографии, но утврдиле дека собата е во најдобар ред и нема никакви оштетувања.

    „Покривот прокапе во 2021 годона и беше саниран. Тврдам дека оттогаш условите се во ред”, рече Најдовски.

    Прашан дали собата е отворена за посетители одговори: „Ќе видиме како ќе функционира Домот со новата невладина организација која е задолжена во функција да ја стави собата. Новата постапка за избор на концесионер беше пред две- три недели, ако се забележи неправилност, договорот веднаш ќе биде раскинат”.

    Спомен-собата при посетата на екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК беше чиста, офарбана, со фотографии, написи, книги од Андреевски. Освен санирана пукнатина на покривот, немаше други проблеми.

    Спомен-собата е дел од реновираниот Дом за култура во Слоештица кој заедно со неа, од почетокот на август се доделени под концесија на невладината организација ,,Моето родно место”. (Фото: СДК.МК)

    Прашина во јавноста се крена откако откако писателот и универзитетски професор Венко Андоновски на 6 август ја објави реакцијата „Едикојси против Петрета Андреевски“ во која побара министерот за култура итно да преземи мерки за спас на собата и поставката на Андреевски. По објавата на Андоновски, реагираа и Љутков и градоначалникот Најдовски, на кого на 5 август му одговори сопругата на Сергеј, Ирена Андреевска.

    „Од фотографиите од поставката, видно е дека некој конечно влегол да зачисти (освен во фотошоп ако не се преработени), но изгледа не сте информирани дека најголемиот дел од артефактите (за коишто во ниту еден момент општината не најде за сходно да направи записник!!!) се повлечени заради оштетување од влагата. Знаете ли дека големата празна маса на којашто заради збогатување на впечатокот сте наредиле некакви промотивни торбички е донација од претходниот културен аташе од Германската амбасада во Скопје, г-ѓа Катрин Фруенсфилд и нејзиниот сопруг. На оваа маса, почитуван, требаше да бидат изложени делата на Петре преведени и издадени во странство. А во позадината е потпрена (оти од влагата падна и се поткрши) табла од форекс со моќна порака од  академик Влада Урошевиќ. Добро се направени фотографиите, па тешко може да се забележи како се извиткани кориците и внатрешните листови на единствениот наш семеен примерок на првото издание на ‘Касни порасни’,  но и на собраните дела на Петре, донација од издавачите: ‘Табернакул’ и ‘Арс ламина’ и др., или мувлата зад залепените култни мисли и пораки до народот од Петре. Веројатно не знаете, еве да си знаете, екранот што е поставен на подвижен држач, донација од семејството Филевски, треба да биде во функција. Благодарение на медиумското покровителство што го обезбедивме од Македонското радио и Македонската телевизија, наши еминентни новинари и други вработени во овие институции, се нурнаа во архивите за да обезбедат веродостојни аудио и видео записи од/за Петре. Да не се грижите, никој не се јави да праша каде е УСБ-то. На безбедно е. Кога веќе ме повлековте за збор, би сакала да ве замолам да не го користите ова наше барање за, ставање под заштита на државата на Меморијалната поставка во чест на Петре М. Андреевски во време на локално предизборие. Тоа нам воопшто не ни беше целта“, напиша тогаш Андреевска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира