МЕЧКА ЈАДЕЛА ХРАНА ОСТАВЕНА НА МАСА ВО ТРЕМ НА КУЌА ВО СЕЛО ОТУЊЕ, ТЕТОВСКО

    МЕЧКА ЈАДЕЛА ХРАНА ОСТАВЕНА НА МАСА ВО ТРЕМ НА КУЌА ВО СЕЛО ОТУЊЕ, ТЕТОВСКООд Националниот парк „Шар Планина“ апелираат до жителите на планинските села да не оставаат храна на отворено, да не создаваат депонии со отпад, бидејќи овие работи ги привлекуваат мечките. (Фото: Фејсбук)

    Мечка влегла во село Отуње, Тетовски и јадела остатоци од храна кои домаќините ги оставиле на терасата. Членовите на семејството во тој момент биле во куќата, па со мобилен телефон ја снимиле мечката.

    Мечките од Шар Планина во потрага по храна се почесто влегуваат во планинските села од овој регион. Најмногу вакви инциденти се забележани во селата Доброште, Теарце, Отуње и Сетоле.

    Летово, во соседните села Сетоле и Једоарце мечките во потрага по храна прават големи штети на жителите. На снимките со камери од видеонадзор може да се види како мечка влегува во пчеларник, крши неколку кошници со пчели и јаде медот. Пред неколку дена, мечка влегла во овоштарник со лешници на жител на село Доброште и испокршила 100 лешникови дрва и го изела скоро целиот род од лешници.

    Од Националниот парк (НП) „Шар Планина“, во чиј состав влегуваат и овие села, велат дека се запознаени со овие инциденти, но нивната можност нешто да преземат е многу ограничена, зашто мечката е заштитен вид.

    „Ние ги следиме сите овие инциденти кои се случуваат на територијата на Националниот парк. Но, како институција сме во многу деликатна позиција, бидејќи ние треба да се грижиме за мечката која е прогласена за национално богатство од страна на државата и е под нејзина заштита. Тоа значи дека не е дозволен отстрел на мечка и ние тука, како институција, ништо не можеме да преземеме. За да се добие дозвола за отстрел на една мечка потребна е голема процедура во која се вклучени многу институции. Првин треба да се направи проценка на направената штета, да се види дали е загрозена нечија безбедност, потоа да се бара осуда на таа мечка. Откако ќе се изврши осуда на мечката, тој документот треба да го потпише министерот за земјоделие шумарство. Откако министерот ќе го дозволи тоа, тогаш се врши отстрел, меѓутоа мечката не стои во исто место нели, и откај знаеме дали е таа мечка што треба да се застрела или е некоја друга. Сето ова ја прави состојбата многу компликувана“, вели Анела Ставреска-Панајотова, раководителка на Одделението за заштита на природата во „Шар Планина“.

    Вакви случаи кога мечки влегуваат во дворови и кога прават штети има на целата територија на „Шар Планина“, но и во НП „Маврово“. Според последните податоци, бројот на мечките во „Шар Планина“ не го надминува оптималниот број, но се потребни нови пребројувања, за што од НП немаат ниту доволно средства ниту доволно луѓе.

    „Според податоците што ги имаме собрано со употреба на трап-камери, рутински контроли на теренот од нашата ренџерска служба и пријавите на луѓето кои сретнале мечка, до јануари 2025 година бројноста на мечките во НП ‘Шар Планина’ е под оптималниот број. Сепак сите овие жалби, поплаки и случки укажуваат на нешто друго што се случува и што ги привлекува мечките. Но, дали мечките на Шар Планина навистина многу се намножиле не можеме да знаеме бидејќи немаме доволно ни човечки ниту материјални ресурси за да го утврдиме нивниот сегашен број. Сепак, ова е проблематика на државата и таа мора да се одвои средства за да почне сериозно да го третира овој проблем затоа што еве луѓето си имаат проблеми бидејќи мечките влегуваат во дворови, утре може да нападнат и човек. Во некои земји како Хрватска и Романија откако било утврдено дека бројот на мечките се зголемил над оптималниот број, било дозволен отстрел“, вели Ставреска-Панајотова.

    Од НП „Шар Планина“ апелираат до жителите на планинските села да не оставаат храна на отворено, да не создаваат депонии со отпад, бидејќи овие работи ги привлекуваат мечките кои се во потрага по полесен начин на доаѓање до храна.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира