УСТАВНИОТ СУД ОФОРМИ ПРЕДМЕТ ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА НА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЈНИЦИ, ЗАШТО САМО ЗА НИВ НЕМА MOЖНОСТ ЗА ТРАЈНО ВРАБОТУВАЊЕ ВО АРМ

    УСТАВНИОТ СУД ОФОРМИ ПРЕДМЕТ ЗА ДИСКРИМИНАЦИЈА НА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЈНИЦИ, ЗАШТО САМО ЗА НИВ НЕМА MOЖНОСТ ЗА ТРАЈНО ВРАБОТУВАЊЕ ВО АРМПрофесионален војник веќе доби случај пред Комисијата за дискриминација, сега борбата продолжува пред највисокиот суд (Фото:СДК.МК)

    Уставниот суд оформи предмет и ќе расправа и гласа по Барањето за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност, поднесено од професионален војник во АРМ, кому како и стотици актуелни и поранешни колеги, не му следува трајно вработување во Армијата како на старешините, цивилите, административците и останатите вработени.

    Подносител на барањето е Aлександар Насковски, кој му кажува на Уставниот суд дека како професионален војник побарал трансформирање на работниот однос од определено на неопределено време со оглед на фактот дека повеќе од 5 години работел непрекинато кај ист работодавец.

    Наведува дека е вработен во АРМ на определено време со продолжување на 8 договори во период од 23 години и 2 месеца. Тврди дека одговорот не му е даден во форма на решение од овластено лице, дека не содржи правна поука и законска можност за жалба.

    Во барањето се тврди дека за разлика од останатите вработени, професионалните војници се единствените работници кои работат по повеќе од 20 години на определено време, при што наведува дека на тој начин се врши системска дискриминација.

    Според Законот за работни односи, кој важи за сите граѓани, по 5 години континуирана работа на определено време кај ист работодавач, тој мора на вработениот да му го трансформира работниот однос во траен (на неопределено работно време).

    Кај нас тоа не е случај само со професионалните војници. Македонија со нив влезе во НАТО, но Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) веќе утврди дека врз професионалните војници во АРМ, се врши дискриминација од страна на Министерството за одбрана во областа на работните односи.

    Нашите професионални војници не 5, работат по 25 години во АРМ, постојано продолжувајќи ги договорите само на определено време и пак се ставени во понеповолна положба со останатите вработени (активен воен и цивилен персонал).

    МО се води по Законот за служба во АРМ вели дека професионалните војници склучуваат договор на определено време на секои 4 години, зависно од подготвеноста, но најмногу до 45-годишна возраст, а потоа имаат право или да побараат отпремнина, или да ги преземат други државни или општински институции, без оглас.

    Но, Комисијата смета дека со ваквиот закон само професионалните војници се дискриминирани. Препорачува Министерството за одбрана да преземе мерки за правна сигурност и еднаквост на војниците во однос на другите вработени во Армијата, со што ќе обезбеди еднаков третман во поглед на работниот статус.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира