Владимир Путин и Шји Џинпинг се сретнаа во Пекинг во пресрет на утрешната голема воена парада, на која ќе се соберат лидерите на антизападните држави. Путин ги поздрави односите помеѓу двете земји, велејќи дека се на досега невидено ниво и дека блиската комуникација ја одразува стратешката природа на кинеско-руските врски.
„Секогаш бевме заедно и остануваме заедно и сега“, му порача Путин на Шји.
„Односите помеѓу Кина и Русија го издржаа тестот на меѓународните промени. Кина е подготвена да соработува со Москва во промовирањето на изградбата на поправеден и поразумен систем на глобално управување“, рече Шји.
Тој утре ќе биде домаќин на најголемата кинеска воена парада досега, со која ќе се одбележат 80 години од предавањето на Јапонија и крајот на Втората светска војна. Некои оружја за првпат ќе бидат покажани во јавност. На парадата, прва од 2019 година, ќе присуствуваат 26 шефови на држави и влади, вклучувајќи ги Северна Кореја, Иран, Белорусија, Србија, Индонезија, Мјанмар и Куба. Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун патува со воз од Пјонгјанг до Пекинг, што треба да трае 24 часа.
„Мора да продолжиме да заземаме јасен став против хегемонизмот и политиката на моќ“, кажа Шји на почетокот на дводневниот самит на Шангајската организација за соработка во кинескиот град Тијанџин.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, го опиша самитот како перформанс и ги обвини Кина и Индија дека се лоши актери поради тоа што ја поттикнуваат три и полгодишната војна на Русија со Украина.
Путин рече дека групацијата го оживеала вистинскиот мултилатерализам со национални валути.
„Ова ги поставува политичките и социо-економските темели за формирање нов систем на стабилност и безбедност во Евроазија. Овој безбедносен систем, за разлика од евроцентричните и евроатлантските модели, искрено би ги земал предвид интересите на широк спектар на земји, би бил навистина урамнотежен и нема да дозволи една земја да ја обезбеди сопствената безбедност на сметка на другите“, кажа Путин.