Автомобилот на претседателот на градската организација на СДСМ за Скопје и поранешен директор на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, бил целосно опожарен ноќеска. Галетановски ја објави информацијата на социјалните мрежи, наведувајќи дека немал никакви расправии или закани.
„Да, возилото мое е изгорено целосно. Ниту сум скаран со некој, ниту некој ми се заканувал, ниту сум наштетил. Сум помагал и ќе помагам на кого можам секогаш“, напиша тој.
Галетановски ѝ се заблагодари на противпожарната служба за брзата интервенција, која спречила огнот да ги зафати околните куќи во скопската населба Кисела вода. Тој упати апел до Министерството за внатрешни работи и надлежните институции што поскоро да го пронајдат сторителот.
„Апелирам до министерот и до Министерството за внатрешни работи најскоро да го најдат сторителот, не поради финансиска загуба, туку поради мирен живот во Скопје и цела држава. Има и ‘сејф сити’ и камери наоколу, да се надеваме дека мирот ќе биде вратен“, додаде Галетановски.