Британскиот министер за Европа и Америка Ален Данкан му порача на претседателот Ѓорге Иванов дека 67 пратеници од 120 е јасно мнозинство и кажа дека Иванов треба да ја преиспита одлуката да не му го даде мандатот на Зоран Заев, кој му донесе коверт со потписи од 67 пратеници.
„67 новоизбрани пратеници кои претставуваат различни заедници ширум Македонија побараа да се формира влада. 67 од 120 се јасно мнозинство. Претседателот Иванов треба да ја преиспита одлуката“, изјави министерот Ален Данкан во соопштението на британското Министерство за надворешни работи.
Данкан беше во Скопје од 22 до 24 февруари и се сретна со политичките лидери, вклучувајќи го претседателот Иванов.
„За време на неговата посета, министерот Данкан ги охрабри лидерите да продолжат со напорите да формираат влада и да стават крај на политичката криза. Тој, исто така, ја нагласи потребата да се направи напредок со неопходниот реформски процес. По неговото заминување, јасно мнозинство од пратениците избрани во декември покажаа дека можат и дека сакаат да формираат влада. Сепак, претседателот Иванов реши да не го даде мандатот и со тоа спречи формирање влада“, се вели во соопштението на британското МНР.