„Силјан“, третиот документарец на режисерката Тамара Котевска, е откупен за прикажување од „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци.
„Во срцето на руралната Северна Македонија, Никола, земјоделец кој се бори со суровата реалност на новите владини политики, спасува ранет бел штрк од депонија, трансформирајќи ги животите на двајцата на подобро. Од режисерката номинирана за Оскар, Тамара Котевска (‘Медена земја’), ‘Силјан’ ја оживува приказната за предците во трогателна и визуелно привлечна приказна за тивката моќ на поврзаноста. Доаѓа на Нешнл џиографик документари филмс подоцна оваа година. Стриминг на Дизни+ и Хулу“, објави Нешнл џиографик документари филмс на социјалните мрежи.
„Силјан“ е македонски кандидат за Оскар за најдобар странски филм за 2026. Според правилата на Американската филмска академија, со оглед дека има американски дистрибутер, „Силјан“ може да се квалификува како кандидат за Оскар и во категоријата Најдобар документарен филм. Номинациите за Оскарите ќе бидат објавени на 22 јануари 2026, а доделувањето е на 15 март.
„После светската премиера во Венеција, надвор од конкуренција за награди каде што учествуваа реномирани автори како Вернер Херцог и Софија Копола, каде што не очекувавме награда и бевме навистина пријатно изненадени, следеше американската премиера на фестивалот во Торонто. Во тоа време ни јавија од Македонија дека едногласно сме изгласани за македонски кандидат за Оскар. После неколку дена дојде веста дека ‘Силјан’ е купен од ‘Нешнл џиографик документари филмс’ и дека ќе оди и во документарното натпреварување за Оскари, така што годинава повторно ќе се случува двојна кампања за ‘Силјан’, како што беше случајот со ‘Медена земја’“, изјави Котевска на минатонеделната прес-конференција.
Котевска има 2 номинации за Оскар за првиот документарец „Медена земја“ кој заедно го режираше со Љубомир Стефанов, а кој во 2020 имаше историски две номинации – и за најдобар странски филм и за најдобар документарец.
Од продукцијата велат дека откупувањето од „Нешнл џиографик“ значи дека „Силјан“ станува дел од нивниот глобалниот каталог и му овозможува на филмот да стигне до публика во над 170 земји преку каналите на „Нешнл џиографик“ и „Дизни +“ и „Хулу“ со силна маркетинг и фестивалска поддршка.
- ВО МАКЕДОНИЈА ИМА ТОЛКУ РЕАЛНИ ПРИКАЗНИ ШТО ЛИЧАТ НА НАУЧНА ФАНТАСТИКА, РЕЧЕ РЕЖИСЕРКАТА КОТЕВСКА ЗА СНИМАЊЕТО НА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „СИЛЈАН“
- ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „СИЛЈАН“ НА ТАМАРА КОТЕВСКА Е МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ ЗА ОСКАР
Режисерката вели дека фактот што филмот е купен од „Нешнл џиографик“ за неа е апсолутно најголемо животно достигнување, бидејќи една од причините зошто е документарист е токму поради „Нешнл џиографик“.
„Буквално како мала седев пред трафика, чекав да отвори за да купам списание еднаш месечно што излегуваше. Сонував да бидам дел од тие авантури, да можам да го работам тоа еден ден. Тоа би било најголемата мотивација, меѓутоа и многу недостижно нешто. Што и да правиш, не можеш да стигнеш до ‘Нешнл џиографик’. И сега кога тоа се случи, тоа за нас беше најголемиот шок, најголемата потврда што може да ја добие еден документарист, особено што се занимава со соодонос меѓу човек и природа. Овој филм е избран од нив да оди во кампањата за Оскар за документарен филм, а притоа оваа година го купија и филмот на Херцог, меѓутоа нашиот го избраа за кандидат за Оскар“, рече Котевска.
Паралелно со договорот со „Нешнл џиографик“, дел од правата за „ Силјан“ ги презема британскиот „Догвуф“ (Dogwoof), чиј каталог вклучува повеќекратни добитници на Оскар и Бафта. „Догвуф“ ќе биде задолжен за дистрибуцијата на филмот во Австралија, Јапонија и Полска.
„Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк.
Котевска рече дека филмот е 90 отсто снимен во Македонија (Чешиново, Гевгелија, Стојаково,…), а се почнало со многу мал тим, голема желба и сопствени финансии.
„Филмот имаше тежок пат. Почнавме со многу мал тим и поминавме цела година без некаква информација за каква било финансиска поддршка. Тешко беше зашто немаше заинтересиран ниту еден странски финансиер. Баш во тој период ни беше украден и материјал вреден околу 4.000 евра. Беше многу тешко да продолжиме и да истраеме. Ми помогна искуството со ‘Медена земја’, ментално да успеам да ја буткам целата ситуација. Инаку, живеевме во трејлер неколку месеци поради локациите на штрковите. Буквално одевме од гнездо на гнездо и го следевме целиот нивен животен циклус, од испилувањето до полетувањето“, кажа режисерката, додавајќи дека секој нов филм значи почнување нешто одново, но и големи очекувања.
„Кога ја најдовме приказната со штрковите кои јадат на депонија, знаевме дека мора да продолжиме и дека тоа ќе вреди. Промената на миграцијата беше мојата првична идеја и како штрковите јадат од депонии кај нас, но најфасцинантниот момент ми беше односот на Никола со штркот. Не му е ова прв штрк, чувал и претходно. И не е единствениот. Тоа за мене беше најфасцинантно, навистина е нешто посебно таа симбиоза на луѓето особено од источна Македонија, па и од секаде каде има штркови. Многу често се случува да падне штрк и тие да го чуваат“, кажа Котевска.
За неколку недели треба да се знае кога „Силјан“ ќе биде премиерно прикажан пред македонската публика.
Светската премиера на „Силјан“ беше на 29 август, вон конкуренција за награди во официјалната селекција на 82. Венециски фестивал. Филмот ја доби независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award) за најдобар филм, една од 42-те различни паралелни награди кои ги доделуваат организации кои не се поврзани со Венецискиот фестивал, за нив одлучува независно жири и за нив се квалификуваат сите филмови кои играат во официјалните програми на Венеција, без оглед дали се во или вон конкуренцијата за награди.
По премиерата, „Силјан“ доби многу позитивни рецензии. Меѓу нив, „Индивајар“ рече дека е „Триумф… Болно прекрасен… Одличен документарец кој е и заносно поетско дело…“. „Холивуд рипортер“ рече дека е „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица, со сите нејзини мистерии, топлина и практични предизвици“. „Скрин дејли“ вели „Извонредно…импресивно достигнување: прекрасна и нежно меланхолична поезија за еден нежно меѓусебно поврзан екосистем нарушен од притисоците на современиот живот во Македонија…“. „Скрин интернешенел“ вели дека „Силјан“ е „извонредно и импресивно достигнување“ и филм што би можел да биде фаворит на фестивалите и да се најде во трка за награди“.
Минатиот месец Котевска го заврши снимањето на својот прв игран филм „Човек против јато“.
Б. НЕСТОРОСКА