Холандската централна банка (ДНБ) ги советуваше граѓаните да чуваат доволно готовина дома за три дена во случај на катастрофа или вонредна состојба, наведувајќи ги зголемените геополитички тензии и сајберзаканите што би можеле да го загрозат платниот систем на земјата.
Граѓаните треба да чуваат 70 евра по возрасен и 30 евра по дете во готово како превентивна мерка, кажаа од банката.
„Парите треба да послужат за покривање на потребните трошоци за 72 часа, како што се вода, храна, лекови и транспорт. Замислете да снема струја и интернет и да има технички прекин во вашата банка. Тогаш можеби нема да можете да платите на начин на кој сте навикнати. Но, плаќањето со готовина е речиси секогаш можно“, соопшти ДНБ.
Покрај чувањето готовина, ДНБ кажа дека луѓето треба да размислат да имаат дебитна картичка и да користат бесконтактно плаќање со својот телефон или паметен часовник.
Европската комисија во март објави план за подготвеност со кој ја охрабри јавноста да чува доволно залихи за најмалку 72 часа во случај на вонредни состојби, како што се природни катастрофи или конфликти. Како неопходни нешта беа наведени готовина, лекови, преносен полнач и радио.