Со проекција на „Диџеј Ахмет“, дебито на Георги М. Унковски, вечерва во Битола завршува 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Филмот од 1 октомври ќе игра во скопското кино Синеплекс, а ќе почне и кинодистрибуцијата низ Македонија во Киноверзум.
„Снимавме на различни локации, теренот го истражувавме долго, често и веруваме дека тоа на публиката ќе и се допадне. Го снимавме населението и посебно народните носии кои се уникатни. За време на снимањето се соочивме со многу предизвици затоа што снимавме во сончеви денови, но и кога имаше дожд, магла, снег и мислам дека успеавме затоа што тимот беше полн со позитивна енергија“, рече кинематограферот Наум Доксевски на денешната прес-конференција во Битола.
Актерите Агуш Агушев, Ариф Јакуп и Дора Акан Златанова биле избрани во селекција од над 2.000 кандидати за главните улоги во филмот.
„За мене беше многу фасцинантно и убаво да учествувам во филм. Посебно беше интересно да споредам како во денешнот време се живее во една средина со посебни услови и начин на живеење, а толку блиска до урбаните центри“, кажа Акан Златанова.
„Диџеј Ахмет“ е селектиран за 35 филмски фестивали, а кон крајот на следниот месец посебен промотивен настан ќе биде организиран во Турција. Наскоро ќе биде прикажан во киносали во САД, Канада, Австралија и низ Европа.
„Диџеј Ахмет“ во август на Сараевскиот филмски фестивал ја доби Специјалната награда за перспектива на младите, и уште две паралелни награди, на Синеуропа и Уникредит наградата на публиката. Toa беше и регионална премиера на филмот.
Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ беше на 24 јануари, на фестивалот Санденс во Парк Сити, Јута, каде доби две награди: Наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија. Оттогаш има добиено вкупно 7 награди.
Агенцијата за продажба на права „Филмс бутик“ од Берлин ги продаде правата за диструбуција на македонскиот филм во Австралија и Нов Зеланд, Бенелукс, Канада, Шпанија, Израел, Португалија и во земјите од поранешна Југославија.
„Диџеј Ахмет“, на турски и македонски јазик, е драма со примеси на комедија за Ахмет, 15-годишно момче од забито јуручко село во Источна Македонија, кое наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг.
По премиерата на 24 јануари, во холивудските медиуми излегоа позитивни критики, како на пример: „Елегантен и привлечен“, „Инспиративна приказна за созревањето…“ во критиката на „Холивуд рипортер“ .
Рецензијата насловена „Техно музиката и овчарството се судираат во трогателна приказна за созревањето“, почнува со реченицата : „Замислете си го ‘Безгрижен’ (Фоотлосе) да се случува токму сега во едно мало село во Северна Македонија и ќе ја добиете атмосферата зад трогателниот игран филм деби на сценаристот и режисер Георги М. Унковски, ‘Диџеј Ахмет’“.
„Диџеј Ахмет“ се снимаше лани во октомври и ноември во селата Коџалија и Али Коч во Радовиш и во Скопје. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Кастинг директор е Киријана А. Николоска.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Филмот беше поддржан со 23.5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот на Агенцијата за филм за 2020 година во втор рок на одлучување, а доби поддршка од 160 илјади евра на паневропскиот филмски фонд Еуримаж.