„Диџеј Ахмет“, дебито на режисерот Георги М. Унковски, од денеска игра во кината низ Македонија. Вечерва, кинопремиерата ќе биде прикажан во кината „Синеплекс“ во Скопје, во Киноверзум во Скопје, Штип и Велес, во 3Д кино Битола и Манаки Битола, по што ќе почне игра редовно во киносалите на мрежата Киноверзум низ целата земја.
„Диџеј Ахмет“ имаше светската премиера на 24 јануари на фестивалот „Санденс“ во Парк Сити, Јута и ги доби Наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија. Во август филмот имаше регионална премиера на Сараевскиот фестивал и освои ја Специјалната награда за перспектива на младите, и уште две паралелни награди. Досега филмот играл на 40 фестивали во 10 земји и има освоено над 20 награди.
Продукцијата соопшти дека „Диџеј Ахмет“ следно ќе има кинопремиера и во Турција, ќе игра и на Лондонскиот фестивал и на фестивалите во Севилја и други во Франција, Белгија, Германија и САД. Филмот има обезбедена кинодистрибуција во сите европски земји, како и во Канада, Англија, Ирска, Австралија/Нов Зеланд, а во завршна фаза е договорот за САД, со што ќе биде еден од неколкуте македонски филмови со широка светска кинодистрибуција.
„Диџеј Ахмет“ е драма со примеси на комедија и ја следи приказната на петнаесетгодишниот Ахмет, тинејџер од јуручко село во Источна Македонија, кој наоѓа прибежиште во електронската музика. Играат Ариф Јакуп, Дора Акан Златанова, Агуш Агушев и Аксел Мехмет,како и Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други. Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимографка е Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, дизајнот на звукот е на Павел Јан, монтажата на Михал Раих, а кастинг директорка е Киријана А. Николоска.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема Футура“ и „Сектор Филм“ од Македонија, „Алтер Вижн“ и „Аналог Вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија како и „365 Филм“ од Хрватска. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска. Снимањето на филмот се одвиваше во октомври и ноември 2023 во селата Коџалија и Али Коч, во близина на Радовиш и во Скопје.
„Диџеј Ахмет“ доби поддршка од македонската Агенција за филм на Македонија со 23,5 милиони денари (околу 380.000 евра) на конкурсот во 2020, од националните фондови на копродуцентите и од паневропскиот фонд Еуримаж во висина од 160.000 евра.