ПОЧИНА ЏЕЈН ГУДАЛ, СЛАВНАТА ЕКОЛОГИСТКА И ВОДЕЧКА ЕКСПЕРТКА ЗА ШИМПАНЗА

    ПОЧИНА ЏЕЈН ГУДАЛ, СЛАВНАТА ЕКОЛОГИСТКА И ВОДЕЧКА ЕКСПЕРТКА ЗА ШИМПАНЗАГудал откри дека животните формираат силни семејни врски, тесно се поврзување со животните кои ги проучуваше и им даваше имиња (Фото: АП)

    Англискиот еколог Џејн Гудал, која беше водечка светска експертка за шимпанза, почина на 91 година. Таа починала од природни причини во Калифорнија додека била на говорничка турнеја низ САД, соопшти нејзиниот институт.

    Нејзините откритија ја револуционаризираа науката. Таа беше неуморен борец за заштита и обнова на природниот свет“, објави институтот „Џејн Гудал“.

    Актерот и екологист Леонардо ДиКаприо изјави дека Гудал инспирирала милиони да се грижат, да чуваат и да се надеваат, опишувајќи ја како вистински херој на планетата. Од Обединетите нации кажаа дека таа цел живот неуморно работела за нашата планета и сите нејзини жители.

    Родена и порасната во Лондон, Гудал станала фасцинирана од животни читајќи книги за Тарзан и докторот Дулитл. Таа го запознала светски познатиот приматолог Луис Лики кога била во Кенија во своите 20-ти години. Иако немала никакви квалификации, Лики видел потенцијал во неа и ѝ помогнал да го организира првото истражувачко патување во џунглите на Танзанија во 1960.

    Таа година, Гудал станала првиот човек од модерното време која видела како животно користи алатка. Тоа било големо машко шимпанзо кое вадело термити од земјата со стап. Дотогаш се верувало дека само луѓето се доволно интелигентни за да прават вакво нешто.

    Нејзините набљудувања ја обликуваа иднината на еволутивната наука, делата ѝ беа објавени во водечките списанија, а во 1965 се појави на насловната страница на „Нешнал џиографик“, запознавајќи го светот со емоционалниот и социјален живот на приматите.

    Таа откри дека животните формираат силни семејни врски, па дури и водат војни за територија. Нејзиниот пристап, како тесно поврзување со животните кои ги проучуваше и нивно именување, беше исмејуван од некои, претежно машки научници во тоа време. Докторирала врз основа на своите наоди, и покрај тоа што немала диплома и претходна научна обука.

    Нејзиниот институт „Џејн Гудал“, основан во 1977, работи на заштита на шимпанзата и поддржува проекти насочени кон добробит на животните и животната средина. Гудал постојано патуваше поради својата работа, па за весникот „Тајмс“ во 2022 изјави дека 35 години не спиела во ист кревет повеќе од три недели.

    Работеше сè до нејзината смрт и требаше повторно да зборува на распродаден настан на 3 октомври во Калифорнија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира