„ВИЗ ЕР“ Е КАКО ПИРАМИДАЛНА ШЕМА, ИМА СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ И НЕМА ИДНИНА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „РАЈАНЕР“ О’ЛИРИ

    „ВИЗ ЕР“ Е КАКО ПИРАМИДАЛНА ШЕМА, ИМА СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ И НЕМА ИДНИНА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА „РАЈАНЕР“ О’ЛИРИНе мислам дека „Виз ер“ ќе пропадне во следните неколку недели, но мислам дека е неизбежно или да пропадне или да биде купена од некого во одреден момент, вели Мајкл О'Лири: (Фото: Кориере дела сера)

    Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, предупреди дека неколку мали и средни авиокомпании во Европа ќе банкротираат во наредните месеци, бидејќи конкуренцијата на пазарот на нискобуџетни летови станува сè пожестока. Во интервју за „Кориере дела сера“, О’Лири проценува дека пропаѓањето на оператори како што се „Плеј“ (Исланд) и „Братенс“ (Шведска) е само почеток на бран банкроти што ќе следат до крајот на годината.

    Шефот на „Рајанер“ го издвојува „Виз Ер“ како една од компаниите со сериозни проблеми, обвинувајќи ја за лоши финансиски и стратешки одлуки, како што се продажба на авиони за време на пандемијата и скапи договори за лизинг. Тој го опишува нејзиниот финансиски модел како „пирамидална шема“ што функционирала само за време на растежот.

    „Не мислам дека ќе пропадне во следните неколку недели, но мислам дека е неизбежно или да пропадне или да биде купена од некого во одреден момент. Тие се фокусираат повеќе на Источна Европа. Во последните пет години, ‘Виз ер’ го сметаше профитот од овие операции во својот биланс како да е некаква пирамидална шема. Колку растеш поголем толку повеќе профит остваруваш. Но, сега престана да расте и повеќе не може да го прави ова“, рече О’Лири.

    Во меѓувреме, вели тој, „Виз ер“ губи на терен во Полска и на пазарите каде што „Рајанер“ многу инвестира.

    Во Македонија, десетина дестинации на „Визер“ се субвенционирани од буџетот на државата, односно компанијата добива субвенција од 9 евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром и 12 евра на Охридскиот аеродром. Во овој момент базата на „Визер“ во Скопје брои пет авиони, комбинација на „ербаси“ А-320 со капацитет од 180 и А-321 нео со капацитет од 230 седишта.

    Над 60 проценти од вкупниот авиосообраќај на двата скопски аеродроми отпаѓаат на операциите на унгарскиот нискобуџетен превозник.

    О’Лири рече дека „Изиџет“ не е во криза, туку „заглавен“. О’Лири предвидува дека „Ер франс-КЛМ“ би можела да ги засили своите француски и швајцарски операции, додека „Бритиш ервејс“ би можела да го преземе лондоснкиот аеродром Гетвик.

    Тој, исто така, се судри со шпанската „Аена“ околу аеродромските такси, префрли милион седишта од регионалните аеродроми во големите градови и ја повика Италија да го укине општинскиот данок на билети за да ослободи поголем раст.

    „Рајанер“ од 14 номеври ќе воведе патниците да се пријавуваат за лет преку мобилна апликација на компанијата, иако печатените билети сè уште ќе се прифаќаат оваа зима.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира