ОД ДЕНЕСКА ПОЕВТИНИ И ПОБРЗИ ТРАНСАКЦИИ ВО ЕВРА, МАКЕДОНИЈА СЕ ПРИКЛУЧИ ВО ЕДИНСТВЕНАТА ЕВРОПСКА ПЛАТЕЖНА ЗОНА (СЕПА)

    ОД ДЕНЕСКА ПОЕВТИНИ И ПОБРЗИ ТРАНСАКЦИИ ВО ЕВРА, МАКЕДОНИЈА СЕ ПРИКЛУЧИ ВО ЕДИНСТВЕНАТА ЕВРОПСКА ПЛАТЕЖНА ЗОНА (СЕПА)СЕПА (Единствената зона за плаќања во евра) е иницијатива на ЕУ која ги усогласува електронските плаќања во евра во 36 европски земји. (Фото: СДК.МК)

    Од денеска, 7 октомври, македонските граѓани и компании можат да вршат и да примаат уплати во евра под истите услови како во Европската Унија, соопшти Министерството за европски прашања. Со ова, земјата и официјално стана дел од Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА), што овозможува побрзи, поевтини и поедноставни трансакции.

    „Со започнување на практичната примена за полесни, побрзи и поевтини трансакции во евра, Северна Македонија и официјално стана активен дел од европската зона за плаќања, што претставува важен чекор во унапредување на интеграцијата со единствениот европски пазар“, соопшти Министерството.

    Приклучувањето кон СЕПА е дел од активностите предвидени со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, додаваат од Министерството. Целта на планот е да се забрза економската интеграција на регионот со Унијата преку олеснување на пристапот до единствениот пазар, поттикнување инвестиции и унапредување на финансиските услуги.

    Од Министерството за финансии велат дека на девет домашни банки им се одобрени апликациите за приклучување кон СЕПА и додаваат дека до крајот на годината се очекува да се приклучат уште три банки.

    СЕПА (Единствената зона за плаќања во евра) е иницијатива на ЕУ која ги усогласува електронските плаќања во евра во 36 европски земји, овозможувајќи им на поединците и бизнисите да вршат плаќања во рамките на зоната исто толку лесно како што би правеле на домашно ниво.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира