Познатата битолска улица Широк Сокак била пробиена во 1835 со цел османлиската војска од касарните во Битола да може по најкраток пат да стигне до Безистенот ако некој го ограбува. Податокот дека амбиенталната улица има безмалку 200 години, беше посочен меѓу бројните факти за Битола во документаниот филм „За историските објекти, заштитени со закон, од османлискиот период“ чија промоција се одржа синоќа во Битола.
Видеопроекцијата беше придружена со фотографии од значајни архитектонски бисери, за кои во филмот зборуваат Љупчо Стојановски, професор по историја и Орхан Демири, имам во Исхак џамија и професор по исламски науки. Автор на проектот, поддржан од Министерството за култура, е снимателот, фотограф и музички водител Агим Џело.
Историчарот Стојановски го посочи Безистенот како еден од најстарите објекти од османлискиот период во Битола, изграден во 15. век.
„Кога патеписецот Евлија Челебија дошол во Битола во 17. век го споменал Безистенот како тврдина. Два пати дошол во Битола, од кои едниот лично видел со свои очи како го ограбуваат 500 арамии. Тој навел дека во Безитенот кој имал 86 дуќани, се чувала најскапата стока во градот зашто бил најцврста градба, дуќаните во чаршијата во тоа време биле од дрво“, рече Стојановски.
Тој додаде дека поради цврстата градба, Безистенот бил и трезор каде се чувале парите собрани од даночниците од Румелискиот вилает пред да бидат однесени во Истанбул. Поради тоа често бил ограбуван, па морало да се најде најкраток пат за војската да го заштити, па се пробил Широк Сокак.
„По Втората светска војна, јужната фасада од Безистенот била урната и подигнати нови дуќани, со што грубо била оштетена некогашната складна архитектонска целина на битолскиот Безистен“, додаде Стојановски.
Овој дел од Безистенот, не бил единственото архитектонско обележје кое Битола го изгубила низ годините. Таа остана и без прочуениот Пекмез-пазар околу Саат кулата на чие место по Втората светска војна се направил плоштадот со градскиот парк.
„Таму биле сместени најубавите чајџилници и слаткарници, но тогашните власти одлулиле да го срушат за да направат плоштад за митинзи. Денешниот лик на чаршијата не е целосниот од османлискиот период. Таа целина се поврзувала од Ат-пазар до Дрвен пазар и во својот максимум имала 2200 дуќани и била една од најголемите на Балканот, по чаршијата во Солун“, рече Стојановски.
Инаку според документарниот филм, Битола најголемиот развој го доживеала во 19. век, односно по 1820 , кога со султански ферман се одлучило таа во 1830 да стане седиште на Румелискиот вилает, односно седиштето од Софија да се префрли во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА