ОСНОВЦИ ОД БИТОЛА ЈА НАПРАВИЈА ПРВАТА ИНТЕРАКТИВНА КАРТА СО ГИС-СОФТВЕР ЗА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

    ОСНОВЦИ ОД БИТОЛА ЈА НАПРАВИЈА ПРВАТА ИНТЕРАКТИВНА КАРТА СО ГИС-СОФТВЕР ЗА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“Картата ја изработија ученичките Јована Василевска и Миа Мицевска од Основното училиште „Тодор Ангелевски“ од Битола под менторство на наставничката по географија Гордана Богоевска. (Фото: СДК.МК)

    Франција е земјата од која досега имало најмногу филмови, 29, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. По неа е Германија со 27, САД со 25, Русија со 23, Кина со 15. Ова се само дел од анализите и податоци содржани во интерактивната карта што за фестивалот ја изработија ученичките Јована Василевска и Миа Мицевска од Основното училиште „Тодор Ангелевски“ од Битола под менторство на наставничката по географија Гордана Богоевска.

    Картата насловена „Водич низ ѕвездите“ претставува визуелно патување низ историјата на фестивалот од 1993 до 2024. Изработена со помош на географско-информациски софтвер (ГИС), таа содржи детални податоци за филмовите што биле во официјална конкуренција, кинематограферите и наградите на фестивалот од 1993 до 2024. Лесна за употреба и на доста прегледен начин овзоможува патување низ фестивалските изданија.

    Информациите најчесто се содржани во ѕвездички во различни бои, а за филмовите кои биле во официјална конкуренција содржат година на прикажување, држава, режисер, снимател, награди и други податоци.

    „Целта ни беше да го истакнеме глобалниот карактер и значењето на фестивалот, со цел да го доближиме до пошироката јавност и да поттикнеме интерес за уметноста, културата и современите дигитални алатки“, велат ученичките.

    Дел од картата

    Во тековниот период за анализа од 32 години, имаше и 44 копродукции, а држави кои најчесто се појавуваат во такви соработки се Франција, Германија и Шведска. Секоја година има по 12 филмови или вкупно 384.

    Активноста е на ГИС-секцијата при училиштето „Тодор Ангелевски“ и Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола. Ова не е првпат да креираат стори мапи и интерактивни карти со податоци кои се од јавен интерес. Минатата година, ГИС-секции при ОУ „Тодор Ангелевски“ и Гимназијата „Јосип Броз -Тито“ од Битола направија осум истражувања за различни проблематики во Битола и ги преставија со ГИС-техники.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира