Една мала група битолчани се охрабриле уште во 1925 година да ги направат првите прелети над Битола и Пелагониското поле. Една деценија подоцна, во 1935 година, градот влегол на мапата на првата југословенска линија „Авиопут“ која ги поврзувала Белград, Ниш, Скопје, Битола и Солун. Со тоа Битола била дел од четвртата авиолинија во Европа, беше посочено на денешната прослава по повод еден век авијација во Битола, која во организација на аероклубот „Мирко Тодоровски“ се одржа на спортскиот аеродром во Логоварди.
„Во клубот уште постојат 4 секции: моделарска, која оди на светски натпревари и е меѓу првите 5 во светот; падобранска, која е мала, но уште постои; моторно летање и едриличарска, каде имаме и нови деца. Бевме оставени на ветрометина, со сопствени сили, жртва и труд, успеавме да го одржиме во живот воздухопловството во Битола. Времето посветено на воздухопловството не се мери во часови, туку во денови и години“, рече Вања Атанасов, претседателот на аероклубот од Битола.

Во 1925 година мала група битолчани ги направиле првите прелети над Битола и Пелагониското поле. (Фото: СДК.МК)
На церемонијата присуствуваа истакнати пилоти кои првите чекори ги направиле во битолскиот аероклуб, а и до денес останале негови членови. Меѓу нив беше и познатиот пилот Васко Михалчев, еден од најредовните членови, кој денес е пензиониран пилот, но ги вози канадерите при гаснењето на пожарите низ Македонија.
„Кога клубот остана без средства, тој не се откажа, беше и механичар и инструктор и пилот. Без него можеше сето ова денес да биде пустелија. Го одржа воздухопловството, ги чуваше авионите, ги поправаше“, рекоа од аероклубот за Михалчев.
„Јас сум 45 години член на клубот, од првата генерација на овој аеродром кога почна да работи во 1980 година. Овде не се учеше само летање, туку се учеше живот. Имаме многу важна задача, бидејќи ова мора да го оставиме на идните поколенија, да обучиме нови пилоти“, рече Михалчев.
Денес аероклубот располага со 5 авиони и 4 едрилици. Во минатото имал десетици млади на обука, а денес десетина.
„За жал, немаме доволно млади луѓе. Се сменија времињата, државата не финансира воопшто во клубовите, се финансираме сами. Ние не сме профитабилна организација, нема заработувачка. Иако некои од авионите се наши, приватни, сепак ги оставаме во клубот и со нив обучуваме, не ги жалиме ресурсите, важно ни е само да имаме нови членови“, додава Михалчев.

Во клубот уште постојат 4 секции: моделарска, падобранска, моторно летање и едриличарска. (Фото: СДК.МК)
Денес највозрасниот член на клубот е Јован Свидерски на 85 години, а најмладата 17-годишната Марија Котевска. На церемонијата беше предложена идеја Општина Битола во иднина да обезбедува по 10 стипендии за обука за едриличари, со што би се помогнал клубот и би се одржала воздухопловната традиција на Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА