ЗА МЕНЕ ОВА Е ВРАЌАЊЕ ДОМА, ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА Е ЧУВАР НА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО, КАЖА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА 35-ГОДИШНИНИНАТА ОД ОСНОВАЊЕТО НА КОМИСИЈАТА

    ЗА МЕНЕ ОВА Е ВРАЌАЊЕ ДОМА, ВЕНЕЦИЈАНСКАТА КОМИСИЈА Е ЧУВАР НА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО, КАЖА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА 35-ГОДИШНИНИНАТА ОД ОСНОВАЊЕТО НА КОМИСИЈАТАВенецијанската комисија е составена од независни правни експерти – професори по уставно право, судии, омбудсмани и специјалисти за изборни прашања од нејзините 61 земја-членка. - Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 35-годишнината од основањето на комисијата (Фото: Претседателски кабинет)

    На свечена церемонија во Венеција по повод 35-годишнината од основањето на Европската комисија за демократија преку право (Венецијанската комисија), еден од говорниците беше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која кажа ова советодавно тело на Советот на Европа има клучна улога во градењето на демократските општества. Настанот се одржа во присуство на бројни високи гости, вклучувајќи го претседателот на Италија, Серџо Матарела.

    Обраќајќи се пред присутните, Сиљановска-Давкова рече дека за неа ова одбележување има и лична димензија.

    „Со огромна чест и длабока благодарност стојам пред вас денес. За мене, ова не е само комеморација на една институција, туку враќање дома. Ви се обраќам како професор по уставно право, поранешен член на ова истакнато тело и како претседател кој директно ја искусил комплексноста на демократската транзиција“, изјави претседателката, заблагодарувајќи се за можноста и самата да учествува во обликувањето на демократските процеси во земјите од Централна и Источна Европа.

    Таа потсети на периодот по падот на комунизмот, кој беше наречен „уставна револуција“, кога Венецијанската комисија беше основана во 1990 година со цел да им помогне на новите демократии. Според неа, силата на Комисијата лежи во довербата што ја ужива кај земјите-членки.

    „Државите се обраќаат до Комисијата не само за правна експертиза, туку и за уверување дека не се сами, дека постои партнер кој слуша, критикува, предлага и потсетува дека демократијата може да биде и исклучително отпорна“, рече Сиљановска-Давкова.

    Во говорот, таа ја опиша Комисијата како „жива совест на уставната демократија“ и „глобален светилник на уставните правила“, чија најсилна страна е способноста да гради мостови меѓу истокот и западот, теоријата и праксата, и меѓу правото и самиот живот.

    Претседателката се осврна и на современите предизвици со кои се соочуваат демократиите денес.

    „Живееме во ера на неизвесност, на дезинформации и поларизација, каде што недостатокот на доверба во институциите ги загрозува дури и најцврсто воспоставените системи и каде што популизмот честопати се стреми дополнително да ја еродира таа доверба“, предупреди таа, додавајќи дека владеењето на правото не е пречка за напредок, туку негов основен предуслов.

    Венецијанската комисија е составена од независни правни експерти – професори по уставно право, судии, омбудсмани и специјалисти за изборни прашања од нејзините 61 земја-членка. Нејзината главна мисија е да обезбеди непристрасни совети за уставни и правни реформи, помагајќи им на државите да ги усогласат своите закони со европските и меѓународните стандарди за демократија, човекови права и владеење на правото. Иако нејзините мислења не се обврзувачки, тие имаат огромен морален и експертски авторитет и често се сметаат за клучен патоказ во законодавните процеси.

    На собирот, покрај Сиљановска-Давкова и претседателот Матарела, се обратија и претседателката на Молдавија, Маја Санду, генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, претседателката на Венецијанската комисија, Клер Бази Малори, и италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани.

    Н. МИХАЈЛОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира