Претседателот Ѓорге Иванов им испрати писмо на претседателот на САД Доналд Трамп и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган како стратегиски партнери на Македонија со барање да ја осудат платформата од Тирана. Иванов во писмото вели дека „осудата и отфрлањето на овој документ е единствен начин за излез од безизлезната состојба во која се наоѓаме“ и очекува да го осудат „флагрантното мешање во внатрешните работи на Република Македонија од страна на два нејзини соседа – аспиранти за полноправно членство во Унијата“.
„Барам со внимание да ја разгледате вистинската реалност со која сме соочени и да се заложите оваа штетна платформа да биде јавно отфрлена и осудена од страна на Европската Унија и НАТО и нивните земји членки. Понатаму, очекувам да го осудите флагрантното мешање во внатрешните работи на Република Македонија од страна на два нејзини соседа – аспиранти за полноправно членство во Унијата. Конечно, очекувам да испратите силна порака до нашиот геополитчки ранлив регион за неповредливост на границите на Балканот и да ја реафирмирате европската и евроатлантската перспектива на земјите од регионот. Отсуството на јавна осуда на платформата од Тирана од страна на меѓународната заедница само ќе охрабри слични обиди во нашиот, но и во други региони во Европа со сложена етничка, религиска и јазична реалност“, пишува Иванов, кој, како што вели во писмото, доставил и копија од платформата и изјави на официјални претставници и институции на Република Албанија и Република Косово.
Иванов им пишал и на членовите на Европскиот совет, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Тиранската платформа стана предуслов за формирање Влада на Република Македонија. Платформата е постизборен документ усвоен во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Реализацијата на платформата подразбира промени во Уставот на Република Македонија со кои би се загрозил унитарниот карактер на државата“, вели Иванов во писмото.
Во писмото испратено во пресрет на состанокот на Европскиот совет, Иванов објаснува дека тој во согласност со Уставот донел одлука да не дава мандат за составување влада на секој оној што преговара за платформи на други држави, со кои се загрозуваат унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста.