„Пчињското изборно евангелие“ од 16. век е реставрирано, конзервирано и повторно вратено во депото на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.
„Пчињското изборно евангелие“ важи за најстар ракопис зачуван во стариот, редок фонд во охридската библиотека. Ракописот е откриен од книжевниот историчар и истражувач на стари ракописи Михајло Георгиевски во необработениот фонд на библиотеката во 1999 година.
„Денес кога велиме дека ‘Пчињското евангелие‘ е повторно дома не мислиме само на неговата физичка адреса, туку на духовното враќање – враќањето на еден симбол на верата, писменоста и културниот континуитет на нашиот народ во градот што отсекогаш бил трезор на духот, Охрид“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Првата конзервација и реставрација на евангелието била во 2000, по што било вратено во Охрид, каде останало до 2011. Поради несоодветните услови за чување и голема влага, при направената контрола од страна на стручни лица биле забележани сериозни оштетувања на книгата и таа повторно беше вратена во Скопје на нова конзервација во 2014 година.
Зорица Јаковлевска-Спировска од Националната универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје, која беше дел од екипата која работеше на конзервацијата на „Пчињското изборно евангелие“, истакна дека се работи за исклучително вреден материјал кој бил во многу лоша состојба.
„Станува збор за сложена процедура затоа што се работи за ракопис во многу оштетена состојба. Со нашите постапки во Центарот за конзервација на материјали на хартија, кожа и пергамент, ракописот е реставриран и конзервиран во два наврати. По долготрајните процедури и постапки, материјалот е заштитен, секоја негова буква, што е доста сложен процес поради степенот на неговата биолошка оштетеност“, рече таа.
Во 2023, со финансиска помош од 300.000 денари од Министерството за култура, Библиотеката го реализираше проектот за адаптација на простор и отвори депо за редок библиотечен фонд, со примена на високи стандарди за негово чување, со што се создадоа услови за враќање на „Пчињското евангелие“.
Сега беше промовиран и новиот каталог посветен на враќањето на евангелието во Охрид, со конкретни факти за него и за богатиот трезор на ретки книги.
Во реткиот фонд во Охрид има 812 книги од периодот од 1872 до 1945 година напишани во оригинал или преведени на српски, хрватски, руски и бугарски од англиски, француски и италијански автори. Од нив, во последните пет години стручно се заштитени околу 100 книги.
Во каталогот, по едно опсежно истражување, е претставен реткиот македонски фонд од 1944 до 1950 година. Во него се опфатени важни документи кои сведочат за темелите на македонската државност поврзани со Илинден и НОБ, но и првите научни и литературни дела, како Букварот со читанка на македонски јазик и дела на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јаневски, Лазо Каровски, Јован Бошковски и охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски.
С. ВРЕНЦОВСКА