ТРАМП ГИ НАМАЛИ ЦАРИНИТЕ ЗА КИНА ПО СРЕДБАТА СО ШЈИ ЏИНПИНГ, КОЈ ДОЗВОЛИ ИЗВОЗ НА РЕТКИ МЕТАЛИ

    ТРАМП ГИ НАМАЛИ ЦАРИНИТЕ ЗА КИНА ПО СРЕДБАТА СО ШЈИ ЏИНПИНГ, КОЈ ДОЗВОЛИ ИЗВОЗ НА РЕТКИ МЕТАЛИТрамп се сретна со Шји за првпат од 2019 (Фото: АП)

    Доналд Трамп изјави дека на средбата со кинескиот претседател Шји Џинпинг договорил да се намалат царините за Кина, која, пак, ветила дека ќе ја сузбие нелегалната трговија на фентанил, ќе продолжи да купува соја од САД и ќе овозможи извоз на ретки метали. Трамп се сретна со Шји за првпат од 2019 во корејскиот град Бусан, завршувајќи ја азиската турнеја, која ги опфати и Малезија и Јапонија.

    „Имавме неверојатен состанок. Би ги оценил разговорите со 12 од 10“, кажа Трамп.

    Тој најави дека царините за увоз од Кина ќе бидат намалени од 57% на 47%.

    „Шји ќе работи напорно за да го запре протокот на фентанил“, рече Трамп за синтетичката дрога која се смета за водечка причина за смртни случаи од предозирање во САД.

    Кина се согласи да ги паузира најавените контроли за извоз на ретки метали, кои станаа нејзиниот најсилен адут во трговската војна со САД. Кинеското министерство за трговија кажа дека паузата ќе трае една година, додавајќи дека двете земји постигнале и договор за проширување на трговијата со земјоделски производи.

    Трамп не збореше за отстапките на САД, но рече дека Кина ќе купи огромни количини американска соја и други земјоделски производи, „почнувајќи веднаш“. Тој најави дека ќе патува во Кина во април, пред да го пречека Шји во САД.

    Од големите трговски партнери на САД, само Индија и Бразил останаа со повисоки царини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира