НЕМА ДА ТОЛЕРИРАМ ЛИЧНИ НАВРЕДИ ВО ДИСКУСИИТЕ И ГРЕШКИ НА ГРАДЕЖНИЦИТЕ, РЕЧЕ НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА, БОЈАН БОЈКОСКИ

    НЕМА ДА ТОЛЕРИРАМ ЛИЧНИ НАВРЕДИ ВО ДИСКУСИИТЕ И ГРЕШКИ НА ГРАДЕЖНИЦИТЕ, РЕЧЕ НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА, БОЈАН БОЈКОСКИВо новиот Совет апсолутно мнозинство имаат ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, кои од 31 советник освоија 16. (Фото: СДК.МК)

    Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој вчера беше избран за претседател на Советот на Општина Битола, изјави дека мора да се подигне нивото на дискусија во Советот и дека нема да толерира лични навреди.

    „Немам намера да толерирам, ниту да дозволам лични навреди и дискредитации, без разлика од кого и кон кого се упатени, дали кон градоначалникот, советниците, директорите или кон вработените во јавната администрација. Советот треба да биде пример за достоинствена и конструктивна дебата во интерес на граѓаните, а не поле за лични пресметки“, рече Бојкоски.

    Тој кажа дека времето на празни критики заврши и дека пред советниците стои задача да го унапредат деловникот за работа за да ги отстранат сите недоречености со кои се соочувале во изминатите четири години. Најави и дека нема да толерира грешки од градежните компании кои ги изведуваат инфраструктурните зафати низ градот.

    „Апелирам до сите градежни компании што ги изведуваат проектите во општината, почитувајте ги договорените рокови и стандардите за квалитет. Секоја импровизација или неквалитетна изведба ќе биде санкционирана. Одговорноста за сработеното е ваша, а толеранција на грешки нема да има“, рече Бојкоски.

    Ова е негов втор советнички мандат, а за претседател беше избран со 18 гласови „за“ од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ДУИ.

    Во новиот Совет апсолутно мнозинство имаат ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, кои од 31 советник освоија 16, а во претходниот состав имаа 13. По нив се СДСМ со пет советници, што е голем пад од претходните 11. „Поинаку“ има четири, еден повеќе од претходно, Левица останува со два и по еден имаат ЛДП, ДУИ, ЗНАМ и Грин.

    На конститутивната седница беа формирани и 19 комисии за работата на Советот, од кои дури 17 ќе ги водат советници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Само две, за безбедност и за права на децата, за претседатели ќе имаат советници од опозицијата, односно од НСДП и СДСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира