САРКОЗИ ИЗЛЕГУВА ОД ЗАТВОР ПО САМО ТРИ НЕДЕЛИ

    САРКОЗИ ИЗЛЕГУВА ОД ЗАТВОР ПО САМО ТРИ НЕДЕЛИСудот во Париз се согласи со предвремено ослободување на Саркози од затвор, наредувајќи да биде ставен под судски надзор (Фото: АП)

    Поранешниот француски претседател Никола Саркози излегува на слобода неполни три недели откако почна да ја служи петгодишната казна за илегална шема за финансирање на својата кампања со пари од Либија. Судот во Париз се согласи со предвремено ослободување на Саркози од затвор, наредувајќи наместо тоа да биде ставен под судски надзор во исчекување на неговата жалба.

    Француските медиуми објавија дека тој ќе биде ослободен од затвор денеска.

    Саркози утрово побара да биде пуштен на слобода, опишувајќи го својот досегашен престој во затвор како многу тежок и исцрпувачки. Јавниот обвинител Дамијан Бруне препорача барањето на Саркози да биде одобрено, но притоа да му биде забрането да контактира со други сведоци од таканареченото „либиско досие“.

    Тој е првиот поранешен шеф на членка на ЕУ и прв повоен француски претседател кој завршил зад решетки. Саркози, кој тврди дека случајот е политички мотивиран, беше обвинет дека ги користел средствата добиени од Моамер Гадафи за да ја финансира својата изборна кампања во 2007. Во замена, ветил дека ќе му помогне на Гадафи да го подобри угледот на Либија кај западните земји. Тој одработи еден мандат како претседател на Франција, од 2007 до 2012 година.

    Адвокатот на Саркози, Жан-Мишел Дароа, кажа дека тој тешко го поднесувал животот во изолација, додавајќи дека би бил побезбеден надвор од затвор.

    „Тој се соочил со закани со смрт, слушал врескање ноќе и сведочел на итна интервенција во соседната ќелија кога еден затвореник се самоповредил“, рече Дароа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира